АПРЗ ВО БРИСЕЛ – Презентација на правото на ЕУ како дел од скринингот

          Делегација предводена од Главниот технички преговарач Бојан Маричиќ, минатата недела присуствуваше во Брисел на објаснувачкиот состанок за прифаќање на законодавството на ЕУ (Acquis Communautaire) како дел од скринингот што го спроведува Европската комисија. Во составот на делегацијата покрај претставниците од АПРЗ директорот Елгафар Јусуфи и помошник раководителот на секторот за земјоделство и рурален развој Златко Сирета, присуствуваа и претставници од МЗШВ, АФПЗРР, ДИЗ, СЕП и др.

          Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него.

          Поспецифично, како процес, тој има за цел, од една страна – да ја запознае земјата кандидат со правното наследство на ЕУ и на тој начин да ја подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите-членки да го оценат степенот на подготвеност на земјата кандидат, да биде информирана за нејзините идни планови и да добие прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.

          По одлуката на Европскиот совет од јуни 2018 година и обезбедувањето на јасна перспектива за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година, Република Северна Македонија на 27 септември 2018 година започна со фазата на објаснувачки состаноци.

          За таа цел минатата недела во Брисел се одржа објаснувачки состанок на кои претставниците на Комисијата детално го презентираа правото на ЕУ во делот на Поглавјето 11 „Земјоделство и рурален развој“, како прва фаза. А потоа како втора фаза ќе се одржат билатерални состаноци со секоја држава и секоја засегната институција од конкретното поглавје. По завршувањето на овие две фази, Комисијата подготвува извештај за скринингот и го презентира на Советот. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата.

          Извештајот од скринингот содржи четири дела:

          • објаснување на правото на ЕУ во поглавјето,
          • резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидатка и проценка на Комисијата,
          • заклучоци и препораки на Комисијата,
          • и во последниот дел Комисијата му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето, и доколку не – кои одредници да се постават.

          Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата (Генерален директорат за проширување, во консултација со надлежните директорати).

          Од презентираното на објаснувачкиот состанок од страна на претставниците на Европската Комисија, произлегува дека институциите имаат напредок во поглед на усогласеноста на правната регулатива од областа на земјоделството и руралниот развој со законодавството на ЕУ. Во однос на хоризонталните прашања, согласно препораките на ЕК нашата земја е на добар пат. Сите релевантни закони од областа се донесени и се во согласност со законодавството на ЕУ. Интегрираниот административен контролен систем (IACS) е функционален и треба да се надградува. Мрежата на сметководствени податоци на земјоделските стопанства (FADN) е функционална и е според правилата на ЕУ, како и дека постојано се прават напори за подобрување на квалитетот на податоците. Што се однесува до системот за идентификација на земјишни парцели (LPIS), изработени се нови орто-фото-мапи и земјоделското земјиште се дигитализира. Меѓу другото останува да се поработи на воспоставување на системот за советодавни услуги во земјоделството согласно регулативите на ЕУ. АПРЗ подготвено ќе ја дочека втората фаза од скринингот и ќе биде целосно подготвена за билатералните состаноци кои треба да се случат во наредната година.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна