Индексирано земјоделско осигурување на остварени приноси од посеви (ИООПП)

          Земјоделското осигурување за остварени приноси од посеви во одредена област (ИООПП) претставува осигурителен производ кој може да им понуди заштита на земјоделците од катастрофални суши на ниво на општина. Клучното својство на производот ИООПП е дека полисата не ги осигурува индивидуалните одгледувачи од губењето на нивното производство односно приноси: туку осигурува од загуба на приносите на ниво на општина, односно онаму каде остварениот просечен принос на општината е помал од договорениот осигурен принос. Сите земјоделци кои купиле осигурување во таа општина добиваат исплати врз основа на остварениот просечен принос во општината.

          За почетната година ќе се нуди осигурување за ИООПП за 2 култури: есенска пченица и јачмен. Европа РЕ ќе го зголеми портфолиото на култури кои ќе бидат опфатени со овој земјоделски производ во текот на 2015 година, со тоа што ќе понуди осигурување за пролетна пченка и винско грозје.

          Бидејќи ИООПП има за цел да обезбеди заштита на општините каде производството на земјоделски култури е традиционално, општините со мали просечни површини на посеани насади во последните три години не се квалификуваат за овој вид на осигурување. Праговите за квалификување во моментов се следниве:

          • Пченица: најмалку 300 Ха по општина.
          • Јачмен: најмалку 300 Ха по општина.

          Тип на осигурување

          Индексираното осигурување на остварените приноси, како осигурување од сите климатски, природни и биолошки опасности, претставува полиса за осигурување на приносите од загуби причинети од „сите видови на ризици“. Полисата функционира како „гаранција за помалку остварени приноси од посевите во одредена област“. Спецификата на овој производ е дека ИООПП ги осигурува земјоделците врз основа на индекс на приноси од одредена област, базиран на процент од просечниот принос во индексираната општина за секоја култура (во нашиов случај пченица и јачмен), што значи дека загубите се мерат врз основа на просечните приноси во индексираната општина, а не врз основа на реалните загуби на секој од осигурените земјоделци.

          Индексирана општина е општината која е наведена во полисата. Списокот на општини е дефиниран според официјалната територијална поделба на Република Македонија (84 општини).

          ИООПП е соодветно за системски односно коваријантни ризици какви што се суша, мраз, ветришта, штети од постојани поројни дождови, високи температури и катастрофални поплави кои имаат влијание врз пошироки области, како на пример општината. Со други зборови ИООПП претставува осигурување од катастрофални штети причинети од широк опсег на опасности.

          Овој производ главно се користи во утврдени географски подрачја (во нашиов случај Општината) со релативно хомогена клима, системи на одгледување на култури и приноси од култури на ниво на земјоделски стопанства: во случај на позначајна суша или мраз сите земјоделци во тоа географско подрачје најчесто се погодени на сличен начин и претрпуваат загуби на приносите кои се одразени во очекуваните приноси во општината.

          Очекуваниот принос во општината се пресметува според податоците дадени од страна на Државниот завод за статистика (ДЗС) на Република Македонија за засадени, ожнеани површини, производство и приноси за културите за период од 16 години, со оглед на тоа дека тоа е единствената институција која спроведува анкети и собира вакви податоци. Историските просечни приноси кои се земени предвид се всушност просечни вредности на приносите од последните 3 години во општината. Сепак, во текот на спроведувањето на овој производ Осигурителните компании го задржуваат правото да го променат начинот на пресметување земајќи ги во предвид приносите на општината од изминатите пет години, не земајќи ги предвид годините со највисоки односно најниски приноси.

          Очекуван принос значи историски просечен принос од осигурената култура изразен во килограми по хектар во индексираната општина наведена во полисата.

          Осигурениот принос се пресметува како процент од Очекуваниот принос во општината. Оваа полиса никогаш не издава 100% покритие од очекуваниот принос на земјоделците. Понудените нивоа на покритие се движат од минимум 50% до максимум 90%.

          Осигурен принос значи приносот изразен во килограми по хектар од осигурената земјоделска култура наведена во полисата. Тоа претставува процент (обично 50-90%) од историскиот просечен принос, односно очекуваниот принос во општината избрана за индексирана општина.

          ИООПП, меѓутоа, не е соодветно за локализирани загуби на ниво на индивидуално земјоделско стопанство, предизвикани од опасности какви што се град или локализирани речни поплави.  Во таков случај осигурителната компанија може истовремено да понуди и индивидуално осигурување од локализирани опасности, заедно со ИООПП.

          Осигурена сума по хектар значи осигурената сума по хектар наведена во полисата и избрана од страна на договорувачот. Се пресметува со тоа што осигурениот принос изразен во кг/ха се множи со сумата на осигурување по единица производ во МКД по килограм.

          Сумата на осигурување по единица производ во МКД по килограм претставува производната вредност на културата според официјалните податоци кои ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за изминатата година. За 2013 година, пченицата и пченката се проценети на 12 мкд/кг. Оваа бројка е менлива и може да биде различна од година во година.

           

          Осигурена површина значи земјоделската површина во хектари под осигурената култура, која ја обработува осигуреникот во индексираната општина во текот на периодот на покриеност со осигурување и која осигуреникот одбрал да ја осигури, онака како што е наведено во полисата.

          Сите земјоделци во индексираната општина се третираат идентично. Загубите се утврдуваат според остварениот годишен просечен принос во одредената индексирана општина измерен од страна на Државниот завод за статистика на Република Македонија.  Нема потреба да проценка на загубите на ниво на земјоделско стопанство.

          Доколку вистинскиот просечен принос од осигурената култура во општината, утврден во периодот на покриеност со осигурувањето е помал од осигурениот принос изразен во полисата, тогаш осигуреникот ќе му биде исплатен износ еднаков на процентната загуба помножена со приносот од вкупната осигурена сума наведена во полисата.

          Вистинскиот просечен принос на површината на општината значи просечниот принос, изразен во килограми на хектар, од осигурената земјоделска култура одгледувана во индексираната општина во текот на периодот на покритие со осигурувањето.

          Во рамките на ИООПП исплатите се исплаќаат кога вистинскиот просечен принос од осигурениот посев е помал од претходно договореното ниво на покритие на осигурениот принос за таа општина. Процентната загуба на приносот се пресметува на ниво на општина и се множи со сумата на осигурување за секој осигурен земјоделец во таа општина за да се пресмета износот кој треба да му биде исплатен на секој земјоделец.

          Договорувачот нема обврска да докажува дека тој/таа претрпел/а било какви загуби односно трошоци со цел да биде обесштетен.

          Период на покритие

          Периодот на покритие за овој производ е 10 месеци или, поточно од денот на сеење на културата – датум на започнување на покритието до денот на жнеење – датум на завршување на покритието. Бидејќи пченицата и јачменот се одгледуваат во ист период; периодот на покритие е од октомври до крајот на јули во годината на сезоната. Датумите на започнување и завршување на покритието можат да бидат различни за различни општини во зависност од датумот кога започнува сеидбата односно жетвата на земјоделските култури.

          Премија

          Премијата која треба да му се исплати на договорорувачот се пресметува така што вкупната сума на осигурување наведена во полисата се множи со стапката на премијата соодветна за избраното ниво на покритие на осигурениот принос наведен во полисата односно избран од страна на договороувачот, онака како што е наведено во полисата.

          Премијата треба да се исплати на односно пред последниот датум за исплата наведен во полисата, но не подоцна од датумот на завршување на покритието.

          Доколку премијата не се исплати целосно на односно пред најдоцниот наведен датум за исплата, тогаш полисата се откажува и осигурителот нема понатамошни обврски кон договорувачот доколку настане осигурениот настан.

          Премијата може да се исплати на една, две или четири рати. За земјоделците кои се квалификуваат за добивање на владини субвенции за земјоделско осигурување, се применува максималниот капацитет регулиран со Програмата за финансиска поддршка и исплатата е врши онака како што е дефинирано (40% земјоделецот – 60% дополнително финансирање од владата).

          Доколку земјоделецот пријави најмногу 20 ха осигурена површина, тогаш има обврска да плати 40% од премијата на осигурителот на една, две односно четири рати, онака како што е договорено со осигурителот. Преостанатите 60% ќе бидат директно исплатени на осигурителот од страна на владата.

          Доколку земјоделецот пријави повеќе од 20ха осигурена површина, тогаш има обврска самостојно да плати 100% од премијата на осигурителот на еден од понудените начини за плаќање на рати.

          Постапка за утврдување дали настанал осигурен настан и за известување на исплатите од осигурувањето

          Државниот завод за статистика (ДЗС) на Македонија е задолжен да ѝ обезбеди на Европа РЕ официјална проценка на вистинскиот просечен принос во општината во текот на периодот на покритие за секоја индексирана општина најдоцна до 31 ден на декември во тековната година што претставува датум на известување. Ова има својство на механизам за прилагодување за производот на ИООПП.

          Датум на известување значи крајниот датум до кој ДЗС официјално ќе го објави вистинскиот просечен принос во општината.

          Постапките на ДЗС за проценка на приносите во општините, како и податоците за вистинскиот просечен принос од површината на општината треба официјално да бидат објавени до датумот на известување на нивната интернет страница: www.stat.gov.mk, каде истите можат да бидат проверени од страна на договорувачот/осигуреникот.

          Користејќи ги проценките на вистинскиот просечен принос од површината на општината, обезбедени од страна на ДЗС, осигурителот, во рок од 14 дена од датумот на известување наведен во полисата, ќе утврди дали настанал осигурениот настан и дали треба да се изврши исплата на договорувачот.

          Студија на случај # 1

          Велко Андонов е индивидуален земјоделец регистриран во регистарот на земјоделски стопанства во Македонија, од Струга. Тој одгледува пченица во општина Струга. Поседува посев од 10ха пченица и би сакал да го осигури со ИООПП за сезоната на посев 2014/2015.

          Индексирана општина:      Струга (> 300ха, квалификувана општина за                                                                   производот)

          Период на осигурување:                  10.10.2014 – 10.08.2015 (покритие од 10 месеци)

          Осигурен посев:                                  Пченица

          Очекуван принос:                                2.993кг/ха

          Ниво на покритие на осигурениот

          принос:                                                  60% (земјоделците го избираат нивото на покритие)

          Осигурен принос:                              1.796кг/ха

          Осигурена површина:                      10ха (земјоделецот ја пријавува осигурената                                                                                површина во ха)

          Единична осигурена вредност:       12 мкд/кг (дефинирано за сезоната за пченица                                                                            2014/2015, непроменливо)

          Осигурена сума по хектар:              1.796кг/ха x 12мкд/кг = 21.552мкд

          Вкупна осигурена сума:                   21.552мкд x 10ха = 215.520 мкд

          Стапка на премијата:                          3,216%

          Премија                                                  6.931мкд

          Бидејќи Велко Андонов е регистриран земјоделец кој е сопственик на својата нива и се квалификува за добивање на владини субвенции согласно со максималните ограничувања од 20ха за житарки наведени во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, тој треба да ѝ плати 40% од износот на премијата на осигурителната компанија, а Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) ќе му ги доплати преостанатите 60% на осигурителот.

          За да ја искористи оваа придобивка од владата, Велко треба да поднесе барање за субвенција на земјоделското осигурување во најблиската подрачна канцеларија на Министерството за земјоделство по 15.03.2015 за сезоната на посев 2014/2015. Потоа АФПЗРР ќе го разгледа барањето и ќе ја кофинансира премијата.

          Велко одлучил да плати 40% односно износ од 2.772 мкд веднаш при издавањето на полисата, меѓутоа има можност да избере да го плати овој износ на 1, 2 или 4 рати.

          АФПЗРР ќе ги плати преостанатите 60% односно износ од 4,159мкд по разгледувањето на барањето поднесено од страна на Велко, директно на осигурителната компанија.

          Исплата:

          Вистинскиот принос од површината на општината, објавен од страна на ДЗС за сезоната на посев 2014/2105 е 2.000кг/ха за општина Струга. Оттука се гледа дека Велко Андонов нема претрпено загуби на приносите за избраното ниво на покритие и осигурителот нема да изврши исплата.

          Студија на случај # 2

          ВИВА ДООЕЛ е земјоделско стопанство регистрирано во регистарот на земјоделски стопанства на Македонија, од Прилеп. Тие одгледуваат јачмен во општина Прилеп. Изнајмуваат површина од 60ха под јачмен и би сакале да ја осигурат со ИООПП за сезоната на посев 2014/2015. Имаат договор со сопственикот на нивата.

          Индексирана општина:                   Прилеп (> 300ха, квалификувана општина за                                                                              производот)

          Период на осигурување:                  05.10.2014 – 05.08.2015 (покритие од 10 месеци)

          Осигурен посев:                                  Јачмен

          Очекуван принос:                               2.837кг/ха

          Ниво на покритие на осигурениот:

          принос                                                  80% (земјоделците го избираат нивото на покритие)

          Осигурен принос:                               2.270кг/ха

          Осигурена површина:                       60ха (АД ја пријавува осигурената површина во ха)

          Единична осигурена вредност:       12 мкд/кг (дефинирано за сезоната за пченица                                                                           2014/2015, непроменливо)

          Осигурена сума по хектар:               2.270 кг/ха x 12 мкд/кг = 27.240 мкд

          Вкупна осигурена сума:                     27.240 мкд x 60ха = 1.634.400 мкд

          Стапка на премијата:                          4,122%

          Премија                                                  67.370мкд

          ВИВА ДООЕЛ има обврска да ѝ го плати целиот износ на премијата на осигурителната компанија на 1, 2 или 4 рати согласно со договорот со осигурителот, бидејќи, согласно Програмата за финансиска поддршка на земјоделството, земјоделското стопанство не се квалификува за добивање на владини субвенции на земјоделското осигурување (го надминува максимално дозволениот капацитет за кофинансирање на  житарки).

          Целосната исплата на премијата треба да се изврши најдоцна до периодот на покритие на полисата.

          Исплата:

          Вистинскиот принос од површината на општината, објавен од страна на ДЗС за сезоната на посев 2014/2105 е 2.100кг/ха за општина Прилеп.  Според тоа ВИВА ДООЕЛ има загуби на приносот од 7,5%.

          (2.270кг/ха – 2.100 кг/ха)/2.270 кг/ха = 0,0748 (7.5%)

          Загубата од 7.5% од гарантираниот принос за вистински принос од површината на општината од 2.100кг/ха се пресметува како: 0,075 x 1.634.400 мкд = 122.580мкд.

          ВИВА ДООЕЛ ќе добие исплата од 122.580мкд за загубите на приносот во сезоната на посев 2014/2015 за избраното ниво на покритие од 80%.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна