АПРЗ започна со имплементација на Агроеколошки Проект од ЕУ програмата за прекугранична соработка со Грција

          Деновиве во Аминдео соседна Општина во Грција се одржа состанок на проектните партнери со што и официјално се означи почетокот на проектот aGROWchain. Овој агроеколошки проект обединува 5 партнери од Македонија и Грција кои со заедничка соработка во наредниот двогодишен период ќе спроведуваат проект од Програмата Interreg – IPA CBC финансиран од ЕУ.

          Проектот со наслов „Одржливо менаџирање на агро-отпадот за загревање на руралните области – aGROWchain“ има за цел да се справи со предизвикот за изнаоѓање на начин за управување со агро-одпадот од руралните подрачја и негово трансформирање во ефтино биолошко гориво кое понатаму ќе се користи за загревање на простории во селектираните обласи од двете страни на границата.

          Општина Новаци е рурално подрачје и земјоделски крај на чија територија има голем број на одводни канали кои буквално се затнати со трска, шамак, трева и други растителни видови. Тоа предизвикува проблем и при поројни дождови често се случуваат поплави на земјоделските површини и населените места. Како едно од можните решенија, проектот ќе се обиде да изнајде начин да се справи со овие растителни остатоци од коритата на каналите со воспоставување на синџир за снабдување со кој ќе се менаџира овој агро-отпад.

          За таа цел предвидена е набавка на соодветна опрема како хидраулична машина за чистење на канали и речни корита, машина за балирање, трактор со приколка, котел за греење и сл. Така преку синџирот за снабдување ќе вклучува собирање на овој агро-отпад, негов третман со цел да биде компатибилен за согорување во котел за биомаса и во него ќе се користи како гориво за загревање на детската градинка во Новаци.

          Слични активности се предвидени и во соседната Опшина Аминдео во Р. Грција. Затоа главната цел на проектот, како што е прилагодена на двете страни на границата, е да го подобри управувањето со агро-отпадот. Развојот на одржливи синџири на снабдување го преобразува агро-отпадот до употребливо цврсто обновливо гориво што резултира со очигледни еколошки и економски придобивки.

          Позитивното влијание на проектот нема да влијае само на директните корисници на опремата за греење, односно на учениците од училиштето во Лехово (Р. Грција) и градинката во Новаци, туку ќе влијае и на целото население во двете општини. Во Новаци, село со 1.300 жители, ефикасното управување со каналите за наводнување директно ќе им користи на земјоделците, како и на целото население, бидејќи каналите нема да бидат блокирани, а ќе се избегнат поплави кои во моментов предизвикуваат многу штета. Лехово има 1.300 жители и земјоделците ќе имаат корист од работењето на синџирот на снабдување како добавувачи на агро-отпад. Конечно, во двете места населението (вкупно 2.600) ќе биде позитивно засегнато од еколошкото влијание на проектот, како што е намалувањето на емисиите на CO2 и одбегнувањето на загадувањето поради неконтролирано управување со агроот отпадот кога тој се пали на земјоделските површини во отворени огнови.

          Партнери кои ќе го спроведуваат проектот во текот на 24 месеци:

          • ДЕТЕПА – Општинското претпријатие за загревање на поширокиот регион на Аминдео, Р. Грција – Главен партнер и лидер на проектот;
          • CRES – Центар за обновливи извори на енергија и заштеди, Р. Грција;
          • CLUBE – Кластер за бионерегија и животна средина на Западна Македонија, Р. Грција;
          • Општина Новаци – водечки партнер од македонска страна и
          • АПРЗ – Агенција за поттикнување на развојот за земјоделството.

          Во претстоечкиот период се предвидени бројни активности во кои ќе бидат вклучени сите чинители кои ги засега овој проблем и ќе бидат повикани на заеднички средби сите засегнати страни да дадат свој придонес кон активностите кои ќе придонесат за успешна реализација на проектот. За секој нареден чекор јавноста ќе биде навремено информирана преку повеќе видови канали на комуникација веќе предвидени со проектот, како што се социјалните мрежи, веб страните на проектот и сите партнери, електронски и печатени медиуми и сл.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна