Одржана 1-ва Национална конференција за промовирање на ФАДН Стандардни резултати на Република Северна Македонија

          На 15.10.2019 година во Хотел Буши, Скопје, во рамките на твининг проектот MK 13 IPA AG 01 17 „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (ФАДН)“, беше одржана 1-ва Национална конференција за промовирање на ФАДН Стандардни резултати на Република Северна Македонија.

          На оваа конференција учествуваа претставници од повеќе институции – заинтересирани страни кои учествуваат во системот ФАДН. Така, покрај претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, особено одделението за ФАДН и експертите од проектот, на оваа конференција учествуваа и претставници од Делегацијата на Европската унија во Скопје, Факултетот за Земјоделски науки и храна, Скопје, Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации – ФАО МК, Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и сл.

          Оваа конференција беше од особено значење за Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, со оглед на тоа што таа е еден од основните учесници во овој систем – официјално тело за прибирање и внес на податоци од земјоделските стопанства. На оваа средба од АПРЗ имаше околу 30 учесници – национален и регионални координатори, како и советодавци кои директно учествуваат во процесот.

          Модератор на конференцијата беше г-ѓа Даниела Гидалова – Раководител на ФАДН одделението  при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во воведниот дел, поздравен говор и воведни излагања имаа г-дин Јован Стојановски,  Советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и претставник од  Делегацијата на Европската унија во Скопје.

          Во врска со ФАДН системот во Република Северна Македонија и Стандардизираните резултати, презентација на факти и бројки имаа г-ѓа Даниела Гидалова и г-динот Лука Чезаро  – Проект лидер, Национален совет за земјоделско истражување и економија CREA, Италија.

          За Националниот извештај за економската ситуација и видовите на земјоделство во земјоделскиот сектор во Република Северна Македонија говореше експертот г-ѓа Соња Маронџу – CREA, Италија, додека за реформата на Заедничката земјоделска политика по 2020 година: Директни плаќања и Рурален развој  свои излагања имаа г-дин Фабио Пјеранџели – Твининг експерт – CREA, Италија и г-дин Алесандро Монтелеоне – Твининг експерт – CREA, Италија.

          Во продолжение, за Примената на податоците од ФАДН за анализа на земјоделските политики – Резултати од проектните активности и искуства од проектните партнери и други проекти финансирани од ИПА свои излагања имаа г-дин Фабио Пјеранџели – Евалуација на влијанието на ИПА и националните фондови врз реформите во земјоделскиот сектор и руралниот развој (CARDNO UK), г-ѓа Aлександра Maртиновска, Факултет за Земјоделски науки и храна, Скопје, Можности за употреба на ФАДН податоците во истражувачката дејност, г-дин Спире Арсов – ФАО МК – Употребата на ФАДН податоци и г-дин Роберто Каљеро, Твининг експерт, CREA, Италија – Употребата на ФАДН за анализа на земјоделски политики, Резултат од проектните активности.

          На крајот на оваа конференција во делот со заклучоци и препораки, учесниците беа поканети на дискусија за Стандардните резултати и можните предизвици во македонската ФАДН.

          Овој настан беше организиран како дел од Јавната кампања за ФАДН 2019 предвидена во Твининг проектот – Компонента 5 – Промоција и јавна кампања за ФАДН истражувањето 2019.

          Инаку, ФАДН системот претставува Европски систем на прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства кој формално е воспоставен во 1965 година. На почетокот системот бил воспоставен во 6-те држави основачки на Европската Унија (Белгија, Франција, Холандија, Луксембург, Германија и Италија).  Со проширувањето на Европската Унија, исто и ФАДН системот во фази се развивал во државите кои се приклучувале кој ЕУ. Така, во 2017 година, овој систем функционира во 28 земји членки на ЕУ.

          ФАДН претставува инструмент за евалуација на доходот и деловното работење на земјоделските стопанства, како и евалуација на влијанието на Заедничката земјоделска политика, гледано од аспект на Европската Унија. За оваа цел се користат сметководствени податоци од секоја земја членка на ЕУ во пропишана форма, а која се однесува на доходот и деловното работење на земјоделското стопанство.

          Едно од барањата во процесот на пристапување кон ЕУ и прилагодување на институциите кон ЕУ е воспоставувањето на национална мрежа за прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства. Оттука произлегува и обврската на Република Северна Македонија за воспоставување на ФАДН.

          Во Република Северна Македонија, воспоставувањето и функционирањето на националната мрежа на сметководствени податоци од земјоделски стопанства – Македонски ФАДН е дефинирано со Законот за воспоставување мрежа за прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (Сл. весник на РМ бр. 110/07, 53/2011), каде се дефинирани и носителите на мрежата: МЗШВ и одделението за ФАДН при МЗШВ, Националниот комитет за ФАДН, Државниот завод за статистика и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Согласно обврските кои произлегуваат од Законот, компјутерската база на податоци за ФАДН за сметководствената 2017 година содржи податоци за 721 земјоделско стопанство, кои согласно Договорот за прибирање на сметководствени податоци од земјоделски стопанства во 2017 година ги прибирале, обработувале, анализирале и внесувале 75 советодавци од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

           

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна