За Нас

ОСНОВАЊЕ И ЦЕЛИ НА АПРЗ

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) е основана со Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството (Сл. Весник на РМ бр. 3/98 од 22.01.1998 година).

АПРЗ преку системот на давање на советодавни услуги на земјоделските стопанства (ЗС), има за цел да овозможи трансфер на знаења и информации, како и нивна имплементација кај ЗС во насока на подобрување на квалитетот и квантитетот на земјоделското производство со економска оправданост, конкурентност на македонските пазари во ЕУ и пошироко, одржлив развој на земјоделството во руралните подрачја, како и поддршка во развојот и реализацијата на аграрната политика со одржување на база на податоци од ЗС преку теренски посети на ЗС.

            Советодавните услуги се дизајнираат и обезбедуваат преку: практична примена на научните и техничките сознанија насочени според потребите на пазарот; јакнење и соработка на земјоделските здруженија; поддршка во спроведувањето на владините програми и мерки наменети за индивидуалниот земјоделски сектор; воспоставување и примена на информативни системи во функција на подобрување на следливоста на земјоделските активности и размена на информации со чинителите во агрокоплексот.

Поради специфичноста на активностите во АПРЗ вработените извршуваат активности според специјалности (поледелство, сточарство, лозаро-овоштарство, градинарство, агроекономија, рурален развој и др.) со одредена тематика.

МИСИЈА

            Давање на висококвалитетна советодавна услуга на терен на индивидуалните земјоделски стопанства, со цел подобрување на квалитетот и квантитетот на земјоделското производство во рурални и пазарно ориентирани средини.

ВИЗИЈА

             Да бидеме високопочитуван и препознатлив советодавен центар меѓу земјоделците во функција на примена на најсовремените научни и технички сознанија насочени кон современо земјоделско производство.

ДЕЈНОСТИ НА АПРЗ СОГЛАСНО ЗАКОН

Согласно Законот за основање, АПРЗ е основана заради давање стручна помош на земјоделците и сточарите, а со цел зголемување на квалитетот и квантитетот на земјоделското производство и негова поголема искористеност. Согласно ваквата генерална поставеност, Агенцијата ги врши следните дејности:

  1. Давање непосредна помош на земјоделците за примена на соодветни мерки:
  • во поледелството, лозарството и овоштарството: воведување на нови технологии во одгледувањето, правилна употреба на ѓубрива, избор на видови и сорти, подигање и одгледување на насадите, поставување на демонстративни опити со нови сорти и технологии и сортни испитувања и
  • во сточарството: упатување на примена на мерки за подобрување на производните својства, обезбедување на правилна исхрана за добивање поквалитетни производи (млеко, месо, волна, јајца и друго);
  1. Соработка со здруженијата на земјоделците и единиците на локалната самоуправа;
  2. Насочување на земјоделските производители за производство на култури и производи според потребите на пазарот;
  3. Непосредно извршување на дел од мерките за спроведување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој што се донесуваат согласно со Законот за земјоделство и рурален развој;
  4. Давање насоки за развој на земјоделството врз основа на сознанијата на терен;
  5. Пренесување на стручни сознанија до непосредните земјоделски производители, како и научно-апликативните достигнувања во земјоделското производство;
  6. Давање насоки во изборот на соодветна земјоделска механизација и опрема за растително и сточарско производство и нејзино правилно и рационално користење;
  7. Вршење инструктажа, демонстрација за современи постапки за чување, преработка на земјоделски производи (од растително и животинско потекло) и подготовка за пласман;
  8. Стручно оспособување на земјоделските производители преку одржување на советувања, семинари, курсеви и слично;
  9. Организирање на натпревари за високи приноси, учествување на саеми и изложби, организирање на сточарски смотри и тракторски натпревари;
  10. Подготвување на истражувачки предлози во земјоделството;
  11. Воспоставување и користење на информативни системи во земјоделското производство;
  12. Давање помош на земјоделските производители за установување евиденција во врска со земјоделското производство, негова рентабилност и економичност;
  13. Изготвување на информативни и рекламни списанија, брошури, памфлети, прирачници во кои би биле опфатени новитетите од домашни ни странски извори на информации од областа на земјоделството и
  14. Други стручни и апликативни мерки за кои ќе се јави потреба.

Со Законот за воспоставување на мрежа на сметководствени податоци од земјоделските стопанства во активностите на АПРЗ се регулира обврската на АПРЗ за прибирање на сметководствени податоци и воспоставувањето на ФАДН во Македонија (Сл. Весник на РМ бр. 110/07, 53/11).

ОРГАНИЗАЦИСКА СТРУКТУРА НА АПРЗ 

АПРЗ функционира на целата територија на Република Македонија, во 30 градови, групирани во шест региони со Дирекција во Битола и 44 дисперзирани канцеларии во руралните средини. Функционирањето на АПРЗ претставува севкупен систем, кој што во себе опфаќа повеќе организациски единици кои што меѓусебно се поврзани и заедно делуваат кон реализација на Програмата за работа и општите цели на АПРЗ.

            Согласно Правилникот за внатрешна организација, во АПРЗ функционираат три сектори со повеќе одделенија во својот состав и две самостојни одделенија: 

Сектор за земјоделство и рурален развој

Секторот за земјоделство и рурален развој функционира со осум одделенија:

  • Одделение за организација и координација на одделенија за региони
  • Одделение за проектни активности и ЕУ процеси
  • Одделение за регион Битола
  • Одделение за регион Скопје
  • Одделение за регион Штип
  • Одделение за регион Куманово
  • Одделение за регион Струмица
  • Одделение за регион Тетово

Сектор за Правни и општи работи

Секторот за правни и општи работи функционира со три одделенија:

  • Одделение за СМС комуникација и информатички технологии
  • Одделение за правно-административни работи и јавни набавки
  • Одделение за општи работи и организациски активности

Сектор за финансиски прашања

Секторот за финансиски прашања функционира со три одделенија:

  • Одделение за сметководство и плаќање
  • Одделение за буџетска контрола
  • Одделение за буџетска координација

Самостојни одделенија во АПРЗ се:

Одделение за внатрешна ревизија

Одделение за човечки ресурси

 

Органограм на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството

 

 Organizaciona

ПОЛИТИКА ЗА КВАЛИТЕТ

Постамент врз кој што се уредува целокупното работење на АПРЗ е нејзината основна функција – давање на стручна помош на земјоделските стопанства со цел зголемување на квалитетот, квантитетот и профитабилноста на земјоделското производство со оптимално искористување на расположливите ресурси.

Советодавните услуги се дизајнираат и обезбедуваат преку:

  • Практична примена на научните и техничките сознанија насочени според потребите на пазарот;
  • Јакнење и соработка на земјоделските здруженија;
  • Поддршка во спроведувањето на владините програми и мерки наменети за индивидуалниот земјоделски сектор;
  • Воспоставување и примена на информативни системи во функција на подобрување на следливоста на земјоделските активности и размена на информации со чинителите во агрокомплексот.

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во своето работење се залага кон следните основни начела и принципи:

  • Подобрување на состојбата во земјоделскиот сектор, правејќи го конкурентен, што директно влијае на подобрување на севкупниот економски развој во државата;
  • Перманентно надградување и обука на човековите капацитети и системските процеси во АПРЗ;
  • Постојано подобрување на воспоставениот Систем за менаџмент со квалитет согласно барањата на стандардот ИСО 9001:2008.

Нашата визија во рамките на политиката за квалитет е: Да бидеме високопочитуван и препознатлив советодавен центар меѓу земјоделците во функција на примена на најсовремените научни и технички сознанија насочени кон современо, продуктивно и конкурентно земјоделско производство.

Нашата мисија во рамките на политиката за квалитет е: Креирање и испорака на широк спектар на квалитетни, навремени, искористливи и применливи совети, целосно прифатени и практицирани од страна на земјоделските стопанства, кои ќе овозможат да се постигне одржливо конкурентно земјоделско производство и рамномерен рурален развој, со силно развиена сензибилност и адаптибилност на барањата на пазарот.