Основна обработка на почвата и ѓубрење на лозјата во род
Две неразделни агротехнички мерки, односно работни операции кои треба да се извршат после бербата на грозјето се основната обработка и ѓубрењето на лозјата. Истите можат да продолжат да се извршуваат и во текот на зимата но, при поволни временски услови.
Со основната обработка почвата се ора на планираната длабочина и истата во таква состојба е способна да прими поголема количина на вода од зимските врнежи, која подоцна ќе послужи како резерва за следната вегетација.
Истовремено со обработката се уништуваат плевелите, а многу штетници изложени на ниската температура угинуваат.
Основното ѓубрење и претходи на основната обработка и истото се извршува со комплексни минерални NPK ѓубрива кои содржат малку азот, повеќе фосфор, а најмногу калиум, односно чии сооднос од наведените елементи е 1 : 2 : 3.
Покрај редовното ѓубрење со минерални ѓубрива, лозјата повремено треба да се ѓубрат и со органски ѓубрива. Од органските ѓубрива најчеста примена наоѓа арското ѓубре. Употребата на органските ѓубрива ја подобрува структурата на почвата.
Количината на ѓубре за редовно ѓубрење на лозјата се определува врз основа на три критериуми: агрохемиска анализа на почвата, хемиска анализа на лисјето и врз основа на планираниот принос.
Од палетата на комплексни ѓубрива кои се на располагање, а се користат за оваа намена, најчесто се употребуваат следните формулации NPK 7:14:21, или 7:20:30, или 5:20:30, или 8:24:16, или 10:30:20 и др. Односот на чистите хранива во овие ѓубрива одговара на потребите на виновата лоза.
Со употреба на 500 до 700 кг. на хектар од овие ѓубрива, во почвата се внесуваат 30 до 50 кг. чист азот (N), 70 до 140 кг. фосфор (P2O5) и 110 до 250 кг. калиум (К2О). Наведените количини фосфор и калиум ги обезбедуваат целокупните годишни потреби на лозјата од овие елементи, а внесените 30 до 50 кг. чист азот, ја обезбедуваат исхраната на лозата во есенскиот и зимскиот период.