Производство на расад од домати во заштитен простор

          За успешно производство и постигнување на високи приноси, основен предуслов е производство на квалитетен расад. Поради лошо произведен расад многу од производителите го губат првиот или вториот род, или  приносот е доста мал.

          Во многу земји во светот постојат специјализирани претпријатија кои исклучиво се занимаваат со производство на расад.

          Во однос на условите на одгледување, секое отстапување од потребните услови доведува до отежнување на производството, не можат редовно да се пратат проблемите, болестите, заштитата и воопшто целосната технологија.

          Условите кои треба да се запазат во текот на производството на расад се:

          Светлината – ако ја нема доволно, нема да има фотосинтеза, а ако нема фотосинтеза нема да има ни производство. Во раното производство и раната сеидба, секогаш има недостаток на светлина, па затоа има присутност на издолжување на расадот. Проблем се јавува и кога растенијата меѓусебно се засенчуваат, при што е потребно навремено пикирање или раздалечување на саксиите една од друга во зависност од просторот со кој располагаме. Во пракса многу често се среќава употреба на извалкана, нечиста фолија, која не пропушта доволно светлина.

          Температурата е еден од главните фактори за производство на расад уште од самиот почеток. Секое отстапување, ниски или високи температури, доведува до споро `ртење и поникнување.

          Кај доматот температурата во фаза на `ртење треба да биде: минимална 11оС, оптимална 25оС (16 – 29), и максимална 34оС.

          Се препорачува на производителите кои сами произведуваат расад да поседуваат термометри кои ја мерат минималната, максималната и моменталната температура, како и термометар за мерење на температурата на почвата, за да можат да ја пратат температурата во секое време и да преземат соодветни мерки.

          Водата исто така има големо значење во производството на расадот. Температурата на водата не треба да има големо отстапување во однос на температурата од средината каде се одгледува расадот. Во пракса, идеалната температура на водата треба да биде од 20-25оС. Поради превентива од болести после никнењето, влагата на воздухот треба да биде 75 – 80 %. Готовиот супстрат кој што се користи во производството на расадот е лесен, не содржи патогени, има регулирана pH вредност, го има регулирано водно-воздушниот режим и има доволно храна.

          Припремата на супстрат од почва која не е лабораториски испитана не е препорачлива. При употреба на супстрат со мешање на смеската со песок и шумска почва, таквиот супстрат може да содржи патогени, да има недостаток или вишок на храна и има нерегулирана pH. Во текот на одгледувањето на расадот треба големо внимание да се обрне на температурата на супстратот, која треба да биде околу 25оС. После поникнувањето температурата на супстратот треба да се намали на минимум 14оС, а на воздухот од 14 – 18оС , за да се спречи издолжувањето на расадот.

          Во производството на расадот важен е податокот дека кога има помала светлина, температурата треба да биде пониска и обратно. За добар развој на коренот  температурата на супстратот не треба да биде под 14 – 15оС.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна