Расадување на тутун
Рокот на расадување на тутунот зависи од топлотните својства на почвата и од климатските услови. Дури и во еден реон времето на расадување е различно. Така на потоплите почви расадувањето е порано, а на ладните подоцна. Кај нас расадувањето почнува во првата половина на Мај во источниот дел, а во Пелагонија во втората половина на мај, а по некогаш тоа трае до првата половина на Јуни.
Расадувањето е една од најважните агротехнички мерки во одгледувањето на тутунот. Пропустите направени во расадувањето многу тешко се исправаат подоцна, а тоа секогаш води кон намалување на приносот и квалитетот.
При расадувањето расадот треба добро да е кален. Калењето се врши на 10 дена пред да се корне расадот, од леата се одстранува полиетиленското платно, се прекинува со прихранувањето, а се прекинува и со наводнувањето. Дали расадот е искален може да се констатира така што се зема страк расад, се завиткува околу прстот и ако по виткањето се врати во првобитна положба значи расадот е искален. Искалениот расад кој што има 6-8 лисја, без котиледоните, а висина од 10-15 см е стасан за корнење. Кај вирџиниските сорти расадот е висок 15-20 см.