Фармерите отсега имаат можност да се регистрираат за директна продажба на производи од животинско потекло произведени во сопствената фарма
Со мали адаптации и исполнување на минимални критериуми, фармерите ќе бидат во можност да се регистрираат за продажба на своите производи од животинско потекло директно од прагот на својата фарма.
Претставници на АПРЗ и АХВ со заедничка соработка имаа средба со фармерите од виничко и малешевијата на кој им беше презентиран новиот Правилник кој го уредува начинот на директна продажба од фарма на мали количини примарни производи од животинско потекло. Ќе можат да се произведат и стават во промет следните производи од животинско потекло:
- сурово млеко и производи од млеко,
- месо добиено при колење на животни,
- месо од дивеч,
- производи од месо,
- мед,
- конзумни јајца и
- конзумна риба.
За таа цел АХВ во соработка со АПРЗ и други стручни лица изготви Правилник за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во геогравски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики, кој стапи на сила од 1-ви септември оваа година и е објавен во Службен весник бр. 144/19.
Правилникот пред се ги пропишува начинот на исполнување на основните минимални барања за хигиена на храната, како и условите за директно снабдување од страна на производителот до крајните потрошувачи или до локалните малопродажни трговци.
Исто така се пропишуваат и условите како треба да бидат уредени просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите за производство.
За исполнување на овие минимални услови за адаптација на објектите, начинот на регистрација и другите потребни услови, фармерите ќе бидат информирани и едуцирани од советниците на АПРЗ директно на терен, а ќе имаат поддршка и од инспекторите на АХВ со цел да се регистрираат.
Во рамките на презентацијата на Правилникот пред фармерите во Виница и во Берово, беше направена и посета на една фарма во виничко, како и на фарма село Будинарци каде во домашни услови се произведува сирење. На лице место присутните можеа да видат како со мали приспособувања за исполнување на минималните хигиенски и просторни барања, фармерот може да се регистрира и да го продава својот производ директно од фармата.
За полесно остварување на оваа можност ќе биде изработен промотивен и едукативен материјал во вид на флаер кој што фармерите ќе го добиваат при посетата од страна на советниците од АПРЗ.
Правилникот можете да го превземете тука.