Агрометеоролошки станици во функција на земјоделците

          Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството игра важна улога во навременото информирање на земјоделските производители на терен. Денес беше иницирана уште една активност која е насочена кон потребите на сите земјоделци. Се однесува на поголема соработка на АПРЗ со Управата за хидрометеоролошки работи и користење на податоците од агрометеоролошките станици. Директорот на АПРЗ Елгафар Јусуфи со директорот на УХМР Ивица Тодоровски разговараа на оваа тема и се договараа можностите за поголема вклученост на советниците од АПРЗ за оваа цел како важен процес на информирање и едукација.

          АПРЗ поседува шест агрометеоролошки станици кои во иднина ќе се стават во функција на редовното информирање и системите за рано предупредување заедно со станиците кои УХМР ги има поставено во Градско, Кочани и Струмица. Сите податоци ќе бидат достапни на веб страницата на УХМР agrometeo.mk.

          Ова е од големо значење за земјоделците бидејќи ќе добиваат навремени информации со цел предупредување при опасност од мраз, суша или заболување на растенијата, со што ќе можат да имплементираат соодветни агротехнички мерки, едновремено зачувувајќи ја животната средина.

          Овие станици се опремени со голем број сензори кои ги мерат врнежите, влагата во почвата, брзината на ветерот,
          правецот на ветерот, атмосферскиот притисок, влажноста и температурата и преку софистицирани софтверски решенија го анализираат ризикот за различни култури.
          Податоците од станиците ќе се користат и за правилно користење на средствата за заштита на растенијата согласно микроклиматските услови, а постои можност информациите автоматски преку СМС пораки да се доставуваат до земјоделците.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна