ЗАЕДНО ЗА СИЛНО ДИГИТАЛНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО

          Во организација на Организација за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО), заедно со бугарското претседателство на Советот на Европската унија, како и бугарското Министерство за земјоделство и Институтот за агростратегии и иновации од Бугарија, во периодот од 18 до 20 април во Бугарија се одржа Форум на високо ниво за е-земјоделство “2gether 4 Strong Digital Agriculture” (Заедно за силно дигитално земјоделство). На настанот зедоа учество и преставници од АПРЗ кои што имаа можност да се запознаат со придобивките и предизвиците на дигиталните технологии во земјоделството. Учество зедоа високи преставници од министерствата, преставници од советодавни служби, земјоделци, бизнис заедницата, невладиниот сектор, академијата и научно-истражувачките институции, кои што имаа можност да разменат искуства и добри практики за спроведување на дигиталната агенда во европскиот регион, помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.

          Првиот ден учесниците преку теренска посета на три фарми можеа дирекно да видат и да се запознаат со неколку интересни дигитални иновации во бугарското земјоделство. Така на пример во сточарството секое животно се следи со дигитална технологија од влегување во фармата па се до крајот на производниот век, а во секое време може да се добијат и статистички податоци за температурата на животното, дневната количина на млеко и други постојани и варијабилни податоци. Од шталското ѓубриво се добива метан, кој пак понатаму служи за производство на електрична енергија.

          Во поледелството пак, со употреба на технологии за топографско снимање на теренот и негово усогласување, фармата избегнува прекумерно наводнување. За уште поголема ефикасност на работата на фарма со компир, се потпираат на GPS опрема која овозможува на тракторите да се движат по исти линии како при сеење, ѓубрење, заштита, така и при жетвата, што гарантира дека приносите на крајот на сезоната ќе бидат во одлична состојба – без дробење или повреда.

          Потоа, размена на информации во реално време помеѓу два трактори кои работат во мрежа преку WI-FI конекција. Така на површина повеќе од 2.000 хектари со пченка, пченица, сончоглед, грав и овес се сеат со помош на навигација и систем за автоматско управување со 2 см точност. Земјоделците го следат развојот на културите со помош на програма за сателитско скенирање на полето и се потпираат на специјализиран земјоделски софтвер за администрирање на фармата. Исто така прскањето се врши прецизно преку самооден распрскувач.

          Преку посетените фарми се прикажаа добри примери за примена на дигиталните технологии во акција и покажаа како технологијата за прецизно земјоделство можат да ја зголемат ефикасноста на работата и да влијаат врз квалитетот на резултатите.

          Вториот ден се одржа работилница на која што преку презентациите и дискусиите овозможи присутните да се запознаат со генералната основа за тоа што претставува е-земјоделството, неговите можности, предизвици и регионален контекст, како и концептот и иницијативите на земјоделските системи за знаење и иновации.

          Се овозможи размена на добри практики и се споделија искуства за можноста за спроведување на дигиталната агенда во европскиот регион, помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Беа споделени различни искуства од повеќе земји:

          • Софтвер за подобрување во управувањето со сточарските кооперативи, Шпанија;
          • Прецизно наводнување: Контрола на дополнителното користење на вода во растителното производство – според ситуација, според специфична локација и автоматизирано, Германија;
          • SEMS (Smart Economic Monitoring Systems) Смарт Економски Мониторинг Системи на производствени и оперативни трошоци поврзани со прецизно земјоделство и висока механизација, Италија;
          • Зголемување на одржливоста на посеаните биодиверзни пасишта преку оптимизација на фосфатно ѓубрење, Португалија;
          • Бизнис развој во земјоделството со интелегентна анализа на податоци, Финска.

          Третиот ден се одржа конференција и министерска панел дискусија на високо ниво, каде што се обрати и министерот на МЗШВ г-динот Љупчо Николовски.

          Конференцијата со панел дискусиите даде голем придонес во подигање на свеста на клучните чинители како и политиката и носителите на одлуки за политичките опции за дигитална трансформација во земјоделството, како и во формулирањето и спроведувањето на националните стратегии за е-земјоделство.

          На крајот може да се истакне дека овој настан беше добра прилика за понатамошното јакнење на иницијативите за интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна