Подобрено управување за подобрени советодавни услуги

          Во рамките на Секторот за земјоделство и рурален развој, вчера во дирекцијата на АПРЗ во Битола се одржа годишна средба помеѓу менаџментот и советодавците на АПРЗ од работните единици од целата држава. Целта на состанокот беше да направиме осврт на сработеното и постигнатите резултати во минатата 2019 година. Исто така се разговараше за околностите, застоите и ризиците кои се појавиле и влијаеле во секојдневното работење.

          Беше презентирано дека минатата година АПРЗ со својот човечки потенцијал од 88 теренски советодавци услужиле вкупно 30.950 земјоделци. АПРЗ има широк спектар на советодавни услуги, но минатата година најголемиот број на услуги се однесувале на давање на стручни совети во растително и сточарско производство каде обезбедивме вкупно 3.423 совети на 10.595 земјоделци и сточари.

          Преку 1.800 земјоделски стопанства биле информирани и едуцирани и за нивната обврска за спроведување на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина. Овие услови се многу важни земјоделецот да ги исполни за да може целосно да ја користи дирекната поддршка од државата – субвенциите.

          Најголемиот акцент беше даден кон давање на стручна и навремена помош и поддршка за правилно и навремено аплицирање за користење финансиски средства од програмите за рурален развој, како и ИПАРД програмата. Во петте јавни повици од програмата за рурален развој што ги објави Платежната агенција, нашите советодавци им помогнале на 1.637 баратели да поднесат барање со комплетна документација и изготвен технички предлог проект.

          Ваква услуга исто така им беше дадена на 94 баратели кои сакале да користат средства од ИПАРД програмата.

          За потребите на ФАДН, од страна на 72 вработени се собираа сметководствени податоци од фарма кај 715 земјоделски стопанства и правни лица. Овие податоци се внесуваат во соодветен софтвер, кои што понатаму МЗШВ ги користи за креирање на соодветни политики за поддршка во земјоделството.

          Во соработка со инспекторите на АХВ, наште советодавци по претходно договорен план беа во посета на скоро сите фарми каде што се одгледуваат свињи за да им ги објаснат биосигурносните мерки за заштита од африканската свинска чума, која болест дојде во соседството, но не и во нашата држава.

          На овој годишен собир беше презентиран новиот Систем за следење и евиденција на работните обврски што ги извршува секој советодавец во давањето на услуги. Со овој Систем се обезбедува ефикасно и навремено прибирање на информации и податоци за се она што советодавецот го работи во секојдневната работа. Податоците се важни и корисни при анализање на напредокот во спроведувањето на програмите кои што АПРЗ ги зацрта во Годишниот план за работа. На тој начин ќе се знае динамиката на спроведување на мерките и активностите, преглед на постигнатиот напредок и оценување на постигнатиот резултат, споредба меѓу планираниот и реално остварениот резултат. Преставува и основа за унапредување на квалитетот на услугата која се дава, а обезбедува и навремено предупредување за утврдените обврски и роковите за нивно спроведување.

          На овој начин се трудиме да го подобриме целокупното работење на АПРЗ, се со цел на земјоделците да им обезбедиме квалитетни и навремени услуги кои пред се ќе им го олеснат секојдневието во вршење на своите земјоделски работи.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна