Препорака до лозарите да ја заштитат виновата лоза од пламеница и пепелница
Согласно спроведениот инспекциски надзор за утврдување на здравствената состојба на лозовите насади, во сите вински региони во државава, ДИЗ не информираше дека кај повеќето има појава на болестите пламеница и пепелница. Во различни региони, присутноста на болести во лозовите насади е со различен интензитет. Станува збор за економски штетници кои се честа појава особено во услови на зголемена влага, а во мометов климатските услови се многу погодни за ширење на болеста.
Пламеницата на лозата е болест која редовно, секоја година се јавува и причинува помали или поголеми штети. Таа ги напаѓа сите зелени делови на лозата: листовите, ластарите, цутовите, гроздот и гроздинките. Лозата е најосетлива во фазата на интензивен раст и на крајот при зреењето на грозјето. Идеалните услови за развој на пламеницата се предизвикани од врнежливиот период, што доведува до губење на квалитет и на принос во лозовите насади.
Од тие причини, Министерството заедно со АПРЗ подготвија насоки за земјоделците со препорака со кој препарати треба да се третираат лозовите насади за да се спречи ширење на болеста и да се минимизираат загубите. При тоа, различни сорти се во различен вегетативен период, некој почнуваат да цветаат а другу веќе прецветуваат. Поради тоа, препораката од АПРЗ опфаќа решенија за заштита за двете фази, а лозарите самите треба да одберат со кој препарат ќе ги третираат лозјата соодветно на вегетативната фаза на сортата која ја одгледуваат.
За насадите каде лозата се наоѓа во фаза на пред цветање или цветање на грозјето, што зависи од регионот на одгледување и сортата на грозјето се препорачува лозарите да ја извршат заштитата со следните заштитни средства:
Период пред цветање и за време на цветање на лозата:
Против пламеница:
- Артемил комби – котактно + системично дејство
- Ридомил комби – котактно + системично дејство
- Ампексио – котактно + системично дејство
- Катанга трипло – котактно + системично дејство
- Пергадо Ф – котактно + системично дејство
- Катанга екстра + Фолпет + Норкасе – комбинација
- Лието + Фолпет – комбинација
Против пепелница:
- Фоликур + Сулфур – комбинација
- Еминенг + Сулфур – комбинација
- Спирокс + Сулфур – комбинација
- Спирокс Д + сулфур – комбинација
Лозовите насади кај кои болестите се присутни во поголема мерка, заштитата да ја повторат за 10 дена од претходното третирање.
За заштита во периодот после цветање на лозата, ги препорачуваме следните комбинации на заштитни средства, како и некои други препорачани од стучни лица.
Период после цветање на лозата:
Против пламеница:
- Емендо Ф – системик
- Артемил комби – системик
- Ридомил комби – системик
- Фестивал – контактен + локал системик
Против пепелница:
- Колис + Сулфур – комбинација
- Динали + Сулфур – комбинација
- Луна + Сулфур – комбинација
- Топас + Сулфур – комбинација
- Вивандо + Сулфур – комбинација
Интервалот на аплицирање од едно до друго прскање да биде 10-14 дена доколку продолжат ваквите временски услови или по препорака на производителот.
Според насоките од Фитосанитарната Управа, постојат и други препарати со кои се третираат овие болести. Она што е важно е дека лозарите треба да внимаваат препаратот да биде регистриран и одобрен за употреба, во спротвивно постои можност да се предизвика интоксикација. Препорачаните дози, односно концентрации мора да соодветствуваат со дозите/концентрациите кои се наведени во упатството за употреба на соодветните производи за заштита на растенијата.
Од тие причини, ги повикуваме сите лозари внимателно да го изберат препаратот кој е соодветен за регионот и за сортата која ја одгледуваат и во ниту еден случај да не користат препарати кои не се дозволени за употреба.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, апелира до лозарите за внимателно следење на состојбата со болестите на лозовите насади и во периодот после цветањето на лозата, следење на временската состојба и консултации со стручни лица како би се избегнале поголеми економски штети. Воедно, апелираме покрај пламеницата и пепелницата, да се следат и третираат и другите болести и штетници кај лозата.
Сите земјоделци кои поради лошите климатски услови се соочуваат со неповолен развој на растителното производство за било која култура, слободно нека се обратат до советниците во АПРЗ или до подрачните единици на министерството, за да добијат стручни совети за заштита на производната сезона.