Репродукција кај кози

          Половиот циклус кај козите е од сезонски карактер, што значи дека тие се мркаат во одредено време од годината. Мркањето, односно половиот нагон најизразен е од септември до ноември, а се појавува и во август, но со послаб интензитет. Самото ,,водење,, трае од еден до два дена, и ако за тоа време животните не се оплодиле, половиот циклус се повторува во интервали од 17 до 19 дена. Бременоста кај козите трае просечно околу 5 месеци (± 5дена). Доцно зрелите раси кози по прв пат се припуштаат на 18 месечна старост, а рано зрелите од 8 – 10 месеци. За време на првиот припуст поголемо значење има телесната развиеност од староста на животните. Пожелно е рано зрелите кози при првиот припуст да имаат тежина од 30кг, што се постигнува со поинтензивна исхрана која економски ќе се оправда со порана експлоатација.

          Најчесто припустот на козите се одредува според хранителните можности и организациските потреби и тој треба да се одвива двократно и тоа:

          • 50% од козите да се припуштат  во почетокот на септември – јарењето е во февруари,
          • останатите 50% во втората половина на октомври – јарењето е во втората половина на март.

          Со ова се постигнуваат следните бенефити:

          • Се продолжува лактациониот период на производство на млеко за околу 1,5 месец,
          • Јарењето не е одеднаш кај сите кози, туку во два наврата, со што работата околу прифаќањето и одгледувањето на јарињата значително се олеснува, а бидејќи се работи за осетлива и сложена фаза во текот на одгледувањето самата работа ќе се изведува подобро и поуспешно.

          Јарците се држат заедно со козите во текот на пасењето, но се одделуваат од нив во средината на месец јули, за да се спречи предвреме да се оплодат козите кои порано се мркаат. За време на припустот на групата од 50% кози се додолуваат сите јарци во производната единица од стадото, и остануваат со козите околу 1,5 месеци. Потоа се издвојуваат од  таа  и се доделуваат на другата група од 50% кози.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна