Да одгледуваме повеќе пченка

          Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството (АПРЗ) помеѓу 17 и 26 февруари 2014 година во соработка со УСАИД и Центарот за развој на пелагонискиот плански регион ја реализираше пилот иницијативата патувачки караван „Да одгледуваме повеќе пченка“.

          Со патувачкиот караван беа посетени 15 населени места низ Пелагонија во Општините Могила, Новаци, Битола и Кривогаштани со присуство на повеќе од 200 земјоделци. На средбите пред земјоделците се презентираа резултатите од првата година на проектот а воедно беше промовиран и прирачник за да им помогне на производителите на пченка низ Република Македонија да постигнат повисоки приноси со помош на препораките кои произлегоа од оваа пилот иницијатива.

          Проектот на УСАИД за експанзија на малите бизниси е четиригодишен проект кој се спроведува од КАРАНА Корпорацијата од САД, со цел да се зајакне капацитетот на приватниот сектор, во насока на поттикнување на регионалниот економски развој, како и за создавање на работни места во избраните 2 региони во Република Македонија (полошки и пелагониски). Во Пелагонискиот регион беа идентификувани вкупно 27 одгледувачи на пченка, кои учествуваа во пилот-иницијативата со земјиште од еден хектар за демонстрација на системот за наводнување капка по капка.

          Една од најголемите можности идентификувана од страна на проектот е поврзана со производството на пченка, односно зголемување на приносот со помош на новите технологии (наводнување капка по капка), како и добрите насоки за земјоделска работа, со цел да се постигне двојно, дури и тројно зголемување на приносот на пченка.

          Во наредниот период планирано е заедно со млакарите ИМБ Битола и Идеал Шипка да бидат помогнати идентификуваните земјоделски стопанства кај кои повторно ќе биде поставен системот за наводнување капка по капка на површина од 1 хектар засадена со пченка. За советодавците од АПРЗ ќе бидат организирани обуки за добрите земјоделски практики (ДЗП), вклучувајќи ги модерните постапки во системите за наводнување капка по капка и соодветната употреба на регистрираните агро-хемикалии.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна