Изборно Собрание на SEASN и конференција на тема – Како семејните фарми да станат повеќе профитабилни – улогата на советодавните услуги

          Во почетокот на ноември во хотелот Катарино во близината на Банско, Република Бугарија, Мрежата на советодавни услуги на Југоисточна Европа (SEASN – South Eastern Europe Advisory Service Network) одржа годишно Собрание, како и конференција на тема „Како семејните фарми во Југоисточна Европа да станат повеќе профитабилни – улогата на советодавните услуги“.

          На конференцијата учествуваа претставници на Европскиот форум за рурални советодавни услуги (EUFRAS), Организација за храна и земјоделство (ФАО), Меѓународна академија за рурални советодавни услуги (IALB). На конференцијата беа споделени иновативни идеи и искуства од учесниците и се дискутираше за можностите за развој на советодавни услуги во земјоделството, особено за семејните фарми и младите земјоделци од Југоисточна Европа. Директорот на AGRIDEA Ulrich Ryser го презентираше искуството на Швајцарија во примената на иновациите преку транзицијата кон дигитализацијата во земјоделството.

          Г-ѓа Невена Александрова ги запозна учесниците со методологиите развиени од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) во врска со проценката на националните системи за советодавни услуги. Исто така беа презентирани активности за тековните проекти во кои е вклучена SEASN мрежата (FAIRSHARE, I2Connect, WiseFarmer).

          Собранието на SEASN избра нов претседател, Игор Хорватич кој доаѓа од редовите на словенечката советодавна служба – Kmetijsko gozdarska zbornica Slovenije. Исто така беа избрани и новите потпретседатели, членовите на Управниот одбор, Надзорниот одбор, како и Советодавниот одбор на мрежата. АПРЗ својот придонес во новиот мандат на SEASN мрежата има чест да партиципира со свои членови во телата и тоа Зоран Бардакоски како член на Управниот одбор и Златко Сирета – член на Надзорниот одбор.

          Новиот претседател Игор Хорватич истакна дека во новиот 2 годишен мандат SEASN мрежата својот фокус на делување ќе го насочи кон јакнење на врските помеѓу советодавните служби на Југоисточна Европа кои преку размена на искуства и знаења ќе делуваат во зголемување на својот советодавен капацитет во функција на зголемување на ефикасноста на советодавните услуги со цел развој на земјоделството и руралните области во регионот. Своите цели SEASN мрежата ќе се обиде да ги оствари преку следните активности:

          • организирање работилници, семинари, предавања, панел дискусии, симпозиуми, промоции и други настани за тековни прашања и проблеми;
          • организирање активности и едукативни обуки;
          • поврзување на заинтересираните советници и другите засегнати страни да работат заедно и спроведување на разни проекти релевантни за трансфер на знаење во земјоделството, руралните области и зголемување на одржливоста и конкурентноста на секторот;
          • објавување публикации, прирачници, брошури и флаери за активностите на SEASN;
          • грижа за стручна и професионална обука на членовите преку создавање услови за подобрување на професионалното работење;
          • предлагање проекти важни за регионот во кој делува SEASN, како и пошироко;
          • воспоставување соработка со локалните самоуправи и регионалните власти, како и со други слични здруженија и организации дома и во странство.

          Директорот на АПРЗ Елгафар Јусуфи оствари серија на билатерални средби со колегите од советодавните служби на Југоисточна Европа, на кои беше разговарано за можностите за идна заедничка соработка. За таа цел договорени се взаемни посети помеѓу АПРЗ и сродните служби од регионот кои ќе се реализираат набрзо во наредните месеци, на кои ќе се разменат искуства од областа на советодавството, за што крајниот бенефит ќе го имаат земјоделците.

           

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна