Вести
Посета на Земјоделски саем во Нови Сад
Имајќи предвид дека советодавците од АПРЗ треба континуирано да ги обновуваат своите познавања за новитетите во земјоделското производство, во периодот од 18 до 20 мај 2025 година, група советници од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството беа во посета на 92-риот меѓународен саем за земјоделство 2025 година.
На овој меѓународен саем учествуваат преку 1.200 значајни актери од агробизнисот и претставници на стопанските гранки кои се потпираат на земјоделството, и тоа од Србија и 40 други земји. На саемот се претставени најновите техничко-технолошки достигнувања во земјоделството, примената на науката во земјоделството, изложби на органска храна, како и производи со географски ознаки, најсовремени земјоделски машини, производи и услуги од најоддалечените делови на светот.

Воедно, најактуелните теми од областа на земјоделството се обработуваа преку стручни состаноци, тркалезни маси, обуки и презентации, со посебен акцент на подобрување на знаењата и примери за добра практика.
Со својот модерен концепт, Новосадскиот земјоделски саем ја поттикнува меѓународната и економската соработка, го интегрира унапредувањето на знаењето, производството и развојот на науката.