Вести
Вклучување на АПРЗ во Националната кампања „Македонско најдобро“
Земјоделството во Република Северна Македонија претставува значаен дел од националната економија, обезбедувајќи работни места и приходи за голем број семејства, особено во руралните средини. Земјава има погодни климатски услови и плодна почва што овозможуваат производство на разни земјоделски производи и нивни преработки. Сепак, во ерата на глобализацијата и интензивната меѓународна конкуренција, домашните производители се соочуваат со сериозни предизвици: увоз на евтини производи, нестабилни цени на пазарот, ограничени можности за извоз и недоволно развиени канали за промоција.
Како одговор на овие предизвици, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја иницираше националната кампања „Македонско Најдобро“, која има за цел да ги подигне потрошувачката и угледот на македонските земјоделско-прехранбени производи, да ја зголеми довербата кај домашните потрошувачи и да создаде механизми за полесен пласман на домашната храна. Оваа иницијатива не претставува само маркетинг алатка, туку долгорочна стратегија за економски развој, заснована на промоција на автентични вредности, традиција и квалитет.
Кампањата произлегува од свеста дека македонските граѓани заслужуваат да консумираат храна со познато потекло, проверен квалитет и со сигурност дека средствата кои ги вложуваат остануваат во домашната економија. Во исто време, земјоделците и преработувачите добиваат поддршка да ја зголемат продуктивноста и да изградат брендиран имиџ, што ќе им отвори врати не само на домашниот пазар, туку и на регионално и меѓународно ниво.

Со воспоставување на јасно дефинирана ознака и визуелен идентитет, кампањата ја испраќа пораката дека македонското производство не е само економска активност, туку и културна и национална гордост. Во таа смисла, „Македонско Најдобро“ претставува интеграција на традицијата со модерниот пристап кон маркетинг, дигитализација и поврзување на сите чинители во синџирот на храна.
Главната цел е да се стимулира потрошувачката на домашни производи и да се подигне свеста кај граѓаните дека со секое купување на македонски производи тие ја поддржуваат националната економија.
Еден од најиновативните сегменти е создавањето на веб-платформата makedonskonajdobro.mk. Таа претставува дигитален центар каде што сите чинители во земјоделско-прехранбениот сектор можат да се поврзат и да ја унапредат својата работа.

Токму затоа, во оваа кампања се вклучува и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. За реализација на целите од оваа национална кампања, Агенцијата веќе во наредниот период ќе организира серија од едукативни средби со земјоделските производители во руралните средини, каде што на лице место на земјоделците ќе им бидат презентирани конкретните цели на кампањата, кои се бенефициите од вклучувањето и користењето на оваа платформа.
Исто така, имајќи предвид дека еден од главните предизвици е бавниот процес на регистрирање на земјоделските производители на дигиталната платформа, особено поради старосната возраст на голем дел од производителите и нивното ограничено користење на дигитални алатки, така што овој процес бара дополнителни обуки и техничка поддршка, Агенцијата со своите теренски посети, на сите заинтересирани ќе им овозможи обука за регистрација, практична помош и едукација за користење на платформата.
Распоредот на едукативните средби на национално ниво ќе биде редовно објавуван на веб страната на Агенцијата, така што сите заинтересирани ќе можат да присуствуваат на овие средби без потреба од претходно пријавување.