Вести
Отворени денови со земјоделците
Околу 60 општини и 102 населени места ќе бидат посетени во рамките на претстојните „Отворени денови“ кои почнуваат на 13 август и ќе траат до 13 септември.
Како што најави денеска на прес-конференција заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, целта на Отворените денови за граѓаните е реализирање директни средби со земјоделците и претставниците на бизнис заедницата на кои ќе се дискутираат сите проблеми, но ќе се даваат и сугестии, предлози и идеи од нивна страна кои потоа ќе бидат разгледани и евентуално преточени во конкретни мерки за подобрување на состојбите.
Посетите на стручните тимови ќе се одвиваат во попладневните часови за да не им се одзема времето на земјоделците.
„Посетата предвидува директна средба со земјоделците, а целта е тие кои имаат дилеми како и нерасчистени ситуации кои се водат во агенциите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и поттикнување и развој на земјоделството, да им се разјаснат како и да разговараат за прашања од нивен интерес и за проблеми со кои се соочуваат при аплицирањето за субвенции или доделувањето земјоделско земјиште и да побараат стручна помош“, појасни Костадиновски.
Отворените денови, додаде, се и можност земјоделците да постават прашања за програмите за финансиски развој или субвенциите и да им се одговори веднаш со што, како што рече, по електронски пат ќе се провери веднаш каква е состојбата и ќе добијат одговор за статусот на нивните барања кои се поврзани со нивните апликации.
„Земјоделците ќе можат да добијат одговор за огласите на Владата за кофинансирање за набавка на механизација, приклучна механизација, подигање овошни насади за кои има 50 проценти финансиска поддршка и други, во кои земјоделците инвестирале“, истакна Костадиновски.
Утрински весник
Портал Курир