За Нас
ОСНОВАЊЕ И ЦЕЛИ НА АПРЗ
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) е основана со Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството (Сл. Весник на РМ бр. 3/98 од 22.01.1998 година).
АПРЗ преку системот на давање на советодавни услуги на земјоделските стопанства (ЗС), има за цел да овозможи трансфер на знаења и информации, како и нивна имплементација кај ЗС во насока на подобрување на квалитетот и квантитетот на земјоделското производство со економска оправданост, конкурентност на македонските пазари во ЕУ и пошироко, одржлив развој на земјоделството во руралните подрачја, како и поддршка во развојот и реализацијата на аграрната политика со одржување на база на податоци од ЗС преку теренски посети на ЗС.
Советодавните услуги се дизајнираат и обезбедуваат преку: практична примена на научните и техничките сознанија насочени според потребите на пазарот; јакнење и соработка на земјоделските здруженија; поддршка во спроведувањето на владините програми и мерки наменети за индивидуалниот земјоделски сектор; воспоставување и примена на информативни системи во функција на подобрување на следливоста на земјоделските активности и размена на информации со чинителите во агрокоплексот.
Поради специфичноста на активностите во АПРЗ вработените извршуваат активности според специјалности (поледелство, сточарство, лозаро-овоштарство, градинарство, агроекономија, рурален развој и др.) со одредена тематика.
МИСИЈА
Развој на конкурентни и напредни земјоделски стопанства, преку информирање, советување, едукација и техничко-административна помош, почитувајќи ги принципите на добра земјоделска пракса и зачувување на руралните области преку негување на традицијата и обичаите.
ВИЗИЈА
Препознатлива и респектабилна институција која обезбедува професионални советодавни услуги насочени кон постигнување на ефикасно и конкурентно земјоделско производство и одржлив рурален развој.
Задачите и обврските на АПРЗ се утврдени со Законот за основање и Деловникот за работа на АПРЗ.
АПРЗ своите надлежности утврдени со Законот за основање ги извршува врз основа на начелата на законитост, одговорност, ефикасност, економичност, транспарентност, еднаквост и предвидливост. Основните обврски и задачи на АПРЗ се во функција на:
- Давање непосредна помош на земјоделците за примена на соодветни мерки:
- во поледелството, лозарството и овоштарството: воведување на нови технологии во одгледувањето, правилна употреба на ѓубрива, избор на видови и сорти, подигање и одгледување на насадите, поставување на демонстративни опити со нови сорти и технологии и сортни испитувања и
- во сточарството: упатување на примена на мерки за подобрување на производните својства, обезбедување на правилна исхрана за добивање поквалитетни производи (млеко, месо, волна, јајца и друго);
- Соработка со здруженијата на земјоделците и единиците на локалната самоуправа;
- Насочување на земјоделските производители за производство на култури и производи според потребите на пазарот;
- Непосредно извршување на дел од мерките за спроведување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој што се донесуваат согласно со Законот за земјоделство и рурален развој;
- Давање насоки за развој на земјоделството врз основа на сознанијата на терен;
- Пренесување на стручни сознанија до непосредните земјоделски производители, како и научно-апликативните достигнувања во земјоделското производство;
- Давање насоки во изборот на соодветна земјоделска механизација и опрема за растително и сточарско производство и нејзино правилно и разионално користење;
- Вршење инструктажа, демонстрација за современи постапки за чување, преработка на земјоделски производи (од растително и животинско потекло) и подготовка за пласман;
- Стручно оспособување на земјоделските производители преку одржување на советувања, семинари, курсеви и слично;
- Организирање на натпревари за високи приноси, учествување на саеми и изложби, организирање на сточарски смотри и тракторски натпревари;
- Подготвување на истражувачки предлози во земјоделството;
- Воспопставување и користење на информативни системи во земјоделското производство;
- Давање помош на земјоделските производители за установување евиденција во врска со земјоделското производство, негова рентабилност и економичност;
- Изготвување на информативни и рекламни списанија, брошури, памфлети, прирачници во кои би биле опфатени новитетите од домашни ни странски извори на информации од областа на земјоделството и
- Други стручни и апликативни мерки за кои ќе се јави потреба.
Со Законот за воспоставување на мрежа на сметководствени податоци од земјоделските стопанства во активностите на АПРЗ се допрецизира обврската на АПРЗ за прибирање на сметководствени податоци и воспоставувањето на ФАДН во Македонија (Сл. Весник на РМ бр. 110/07, 53/11).
АПРЗ функционира на целата територија на Република Македонија, во 30 градови, групирани во осум региони со Дирекција во Битола и 44 дисперзирани канцеларии во руралните средини. Функционирањето на АПРЗ претставува севкупен систем, кој што во себе опфаќа повеќе организациски единици кои што меѓусебно се поврзани и заедно делуваат кон реализација на Програмата за работа и општите цели на АПРЗ.
Во рамките на АПРЗ се формирани три сектори, а во рамките на секој сектор се содржани одделенија:
* Сектор за административно правни – општи работи и човечки ресурси со две одделенија и тоа:
- Одделение за административно правни и општи работи;
- Одделение за управување со човечки ресурси
* Сектор за финансиски прашања со две одделенија и тоа:
- Одделение за сметководство и плаќање;
- Одделение за буџетска контрола;
* Самостојно одделение на АПРЗ
- Одделение за внатрешна ревизија
* Сектор за на земјоделството и рурален развој, со девет одделенија и тоа:
- Одделение за план, анализа и ЕУ проекти;
- Одделение за Пелагониски регион со седиште во Битола, со пет работни единици во: Битола, Крушево, Ресен, Прилеп и Демир Хисар;
- Одделение за Југозападен регион со седиште во Охрид, со пет работни единици во : Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Македонски Брод;
- Одделение за Полошки регион со седиште во Тетово, со две работни единици во: Тетово и Гостивар;
- Одделение за Скопски регион со седиште во Скопје, со една работна единица во: Скопје;
- Одделение за Североисточен регион со седиште во Куманово, со три работни единици во: Куманово, Крива Паланка и Кратово;
- Одделение за Источен регион со седиште во Штип, со шест работни единици во: Штип, Пробиштип, Виница, Кочани, Берово и Делчево;
- Одделение за Југоисточен регион со седиште во Струмица, со четири работни единици во: Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија;
- Одделение за Вардарски регион со седиште во Кавадарци, со четири работни единици во : Кавадарци, Велес, Неготино и Свети Николе .
Од функционален аспект, а заради вршење на определени конкретизирани специјализирани активности формирани се 8 координативни групи:
- Координативна група за поледелство
- Координативна група за сточарство
- Координативна група за лозарство и овоштарство
- Координативна група за градинарство
- Координативна група за агроекономија
- Координативна група за рурален развој
- Координативна група за МАС медиуми и
- Координативна група за родова еднаквост
Постамент врз кој што се уредува целокупното работење на АПРЗ е нејзината основна функција – давање на стручна помош на земјоделските стопанства со цел зголемување на квалитетот, квантитетот и профитабилноста на земјоделското производство со оптимално искористување на расположливите ресурси.
Советодавните услуги се дизајнираат и обезбедуваат преку:
- Практична примена на научните и техничките сознанија насочени според потребите на пазарот;
- Јакнење и соработка на земјоделските здруженија;
- Поддршка во спроведувањето на владините програми и мерки наменети за индивидуалниот земјоделски сектор;
- Воспоставување и примена на информативни системи во функција на подобрување на следливоста на земјоделските активности и размена на информации со чинителите во агрокомплексот.
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во своето работење се залага кон следните основни начела и принципи:
- Подобрување на состојбата во земјоделскиот сектор, правејќи го конкурентен, што директно влијае на подобрување на севкупниот економски развој во државата;
- Перманентно надградување и обука на човековите капацитети и системските процеси во АПРЗ;
- Постојано подобрување на воспоставениот Систем за менаџмент со квалитет согласно барањата на стандардот ИСО 9001:2008.
После успешно спроведениот процес на проверка, во декември 2020 година, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството го доби сертификатот за управување со квалитет МКС EN ISO 9001:2015.
Добиениот сертификат за Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството значи градење добар имиџ на институцијата, имајќи ја во предвид улогата што Агенцијата ја има во процесот на трансфер на знаење за подобрени земјоделски технологии, менаџмент практики и информации за модернизација на земјоделските стопанства во насока на подобрување на пазарната ефикасност на земјоделските производители и усогласување со стандардите на Европската Унија.
Воведувањето на ISO стандардот се спроведе во текот на 2020 година. Процесот вклучи:
- првични подготовки и проверки на севкупната документација,
- развивање политика за квалитет и прирачник за квалитет,
- мапирање на контекстот на организацијата, системските и оперативните процеси и процедури,
- анализа на ризици и развој на клучни показатели на успехот,
- подготовка и сертификација на интерни проверувачи и спроведување интерна проверка.
По завршувањето на интерните проверки, беше спроведена сертификациска проверка при што беше констатирано дека институцијата ги исполнува критериумите за добивање сертификат МКС EN ISO 9001:2015. Сертификатот го издаде акредитираното сертификацискo тело за ISO 9001, АМ ЦЕРТ ДООЕЛ Скопје.
Со воспоставувањето на одржлив процес на управување со квалитет во јавниот сектор, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството се приклучува на европските трендови за воспоставување на квалитет во работата на јавната администрација и модернизација на јавните услуги. Воведувањето и постигнувањето на норми ќе обезбеди поуспешно спроведување на сите тековни иницијативи, за што е потребен добро развиен капацитет, модерно и ефикасно управување и навремено остварување на поставените цели.
Очекувани придобивки од воведувањето на ISO 9001 во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството се:
- ефикасно работење;
- поголема одговорност и свест на вработените;
- подобрување на статусот на фирмата;
- вреднување и документирање на работните задачи;
- способност за натпревар на иста основа;
- можност за освојување на нови пазари;
- подобро искористување на времето и ресурсите;
- подобра идентификација на производот или услугата;
- континуирано подобрување.
ISO 9001 – Систем за управување со квалитет
ISO 9001 е меѓународен стандард кој ги дефинира барања на системот за квалитет, чија примарна цел е задоволството на корисниците. Управувањето на систем за квалитет ISO 9001 важи за сите бизниси, без оглед на видот, големината, организација или производите/услугите, кои се испорачуваат.
Целта на ISO 9001 е да обезбеди на квалитет во работните процеси, производи и услугите кои ги извршува една организација. ISO 9001 е процесен модел, кој ја дефинира организираноста како успешна преку:
- определување на Политиката за квалитет;
- дефинирање на одговорности и овластувања во организацијата;
- дефинирање на Цели за квалитет;
- планирање и обезбедување на ресурси;
- планирање и дефинирање на потребни обуки за персоналот;
- реализирање на барањата на клиентот
- контрола на неусогласен производ или услуга;
- дефинирање на корективни мерки за надминување на неусогласениот производ или услуга;
- мерење, анализа и подобрување на производот или услугата.
Подобрување на перформансите на деловните процеси, опфаќа јасна дистрибуција за овластување на одговорностите, подобрување на продуктивноста и ефикасноста, скратување на времето на одлучување, континуирано подобрување на процесите и намалување на трошоците во работењето.
ISO 9001 ги специфицира основните барања за систем за управување со квалитет што организацијата мора да ги исполни за да ја демонстрира својата способност постојано да обезбедува производи и услуги кои го зголемуваат задоволството на клиентите и ги задоволуваат применливите законски и регулативни барања.
Моделот на ISO 9001 се состои од пет принципи, каде секој принцип одредува сет на барања, постапки и процеси кои треба да се разгледаат за имплементација на системот:
- општи барања за системот за управување со квалитет и документација;
- одговорност, фокусирање, политика, планирање и цели на раководството;
- управување со ресурсите и распределба;
- реализација на производ/услуга и управување со процесите, и
- мерење, следење, анализа и континуирано подобрување.
Притоа, перформансите на организацијата се подобруваат преку употреба на процесниот пристап, а процесите се управуваат како систем дефиниран од мрежа на процеси и нивните интеракции, со што се создава подобро разбирање на додадената вредност.
СЕРТИФИКАТ МКС EN ISO 9001:2015
- Потпишан Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје
- Примена на хемиски мерки во овошните насади во фаза на мирување
- Отворена дисперзирана канцеларија во Oпштина Росоман
- Објавен ИПАРД Јавен повик за МЕРКА 7 Диверзификација на фарми и развој на бизниси
- Одржување на земјоделска механизација во текот на зимата
Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството е поддржан од WordPress