Проект aGROWchain: Од агро-отпад до биогориво за топлинска енергија

          Зелениот отпад во Пелагонија ќе се користи за биогориво од кое ќе се добива топлинска енергија.  Трската и други нискостеблести растенија во руралните средни предизвикуваат сериозни еколошки проблеми. Неконтролираното растење на оваа вегетација во каналите и речните корита е причина за поплави во Пелагонија, а земјоделците често пати од овој отпад се ослободуваат со палење и освен што е опасно, предизвикува и загадување на животната средина. Општина Новаци и грчката општина Аминдео се вклучени во проектот „Менаџирање со агро отпадот за загревање во руралните средини“ поддржан од Интеррег програмата за меѓугранична соработка, а со производство на биогориво ќе се затоплуваат општински згради од двете страни на границата.

          Вчера во организација на АПРЗ беше организирана тркалезна маса каде што за овој проект дискутираа засегнатите страни и чинителите. Присутни беа претставници од соседните општини Новаци, Битола и Могила, како и од грчаката општина Аминдео. Учество зедоа и партнерите од грчката страна, како и професори од Техничкиот факултет од Битола, земјоделци, ЈКП Комунална хигиена – Новаци, градинката во Новаци, СЕТТИМ Консалтинг и други чинители.

          „-Целта е да го искористиме земјоделскиот отпад од каналите и речните корита и да го претвориме во биогориво кое понатаму ќе служи за греење на јавните општински згради, односно градинката во општина Новаци, а исто така, предвидено е да се набави котел за затоплување на училиштето во селото Лехово, во грчката  општина Аминдео. Сега започнува првата фаза на реализација на овој проект, каде треба да дефинираме еден синџир на набавка, односно патот на биомасата од самото место до креирање на биогориво за котлите. Тоа значи дека во наредниот период ќе се изработи физибилити студија со која треба да се пресмета количината на биомаса во општина Новаци. Се претпоставува дека има околу 70 километарска каналска и речна мрежа, а ако лево и десно по 5 метри имаме отпад односно трска и други видови на нискостеблести растенија што неконтролирано растат, доаѓаме до околу 70 хектари површина. Тоа пресметано во биомаса доаѓа неколку тони потенцијален агро-отпад. Со тоа ќе се чистат каналите и земјоделскиот отпад, оти земјоделците не ретко знаат да го палат и претставува опасност од ширење на пожари, загадување на животната средина, а знаеме и дека јавните згради за затоплување ги користат фосилните горива кои исто така предизвикуваат загадување“, рече Златко Сирета од Агенцијата за поттикнување на равојот на земјоделството.

          Општина Новаци за овој прокет ќе добие 216 000 евра, од кои 15 проценти ги кофинансира.

          „-Во прва фаза ќе набавиме трактор со приколица , втора фаза приклучни работи за тракторот , механизација за чистење на речните корита и канали а во трета фаза котелот за парно греење. Со овој проект ние ќе треба да ги чистиме сите канали, а таа биомаса ќе обезбеди гориво за градинката. Со тоа ќе се чистат каналите кои пред три години предизвикаа поплави, па ќе имаме двоен бенефит а секако помалку ќе се загадува воздухот и ќе се заштити животната средина“, рече градоначаникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

          Партнерите од Грција велат дека ќе црпат искуства и од сличен проект што се применуваат во Јужна и Централна Европа, но и во Скандинавија.

          „-Минатата недела бев во селото на Дедо Мраз во Финска, каде дискутиравме како да ги искористиме нивниот земјоделски отпад за загревање на простории. Заинтересирани сме да го пренесеме тоа искуство на локалните актери овде и тие да заклучат што е поинтересно за нив и како ќе се одвиваат работите во регионот“, рече Јанис Фалас, директор на кластерот за биоенергија и животна средина на Западна Македонија во Кожани, Грција.

          Во општина Могила, биогориво се произведува од слама, а за првпат во Македонија топлинска енергија ќе се добива од трска и другата нискостеблеста вегетација која расте по каналите и речните корита.

          Изјави за медиуми: https://www.youtube.com/watch?v=Wk2snAqNxws

          ФОТОГАЛЕРИЈА

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна