Работилница за „Живинарско производство со ниска емисија на јаглеродни гасови“

          На покана од страна на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставници од АПРЗ зедоа учество на тродневна работилница под наслов „Живинарско производство со ниска емисија на јаглеродни гасови“, што се одржа во хотел „Континентал“ во Скопје. Работилницата е дел од активностите на проектот „Развој на зелен и конкурентен бројлерски подсектор кој има цел да придонесе за намалување на сиромаштијата и подобрена исхрана за населението“ (TCP/MCD/3605).

          Целта на работилницата беше да им овозможи на локалните произведувачи и преработувачи да воведат еколошки и одржливи производствени практики, со цел обезбедување на свежо пилешко месо на домашниот пазар.

          Настаност со свое учество го збогатија еминентни експерти од ФАО кои со свои презентации се осврнаа конкретно на добиточното производство со осврт на климатските промени со посебен фокус на живината, трендовите во секторот, емисијата на стакленички гасови и стратегии за нивно ублажување.

          Од страна на учесниците кои беа преставени од владини институции, приватниот сектор, производители и академската заедница, се разви дискусија околу добиточните системи и процесите на емитување и намалување на гасови од начинот на одгледување, управувањето со шталско ѓубре, видовите на добиточна храна и начинот на исхрана, јаглеродната секвестрација и користењето на енергија. Исто така се дискутираше и за ситуацијата, перспективите и предизвиците во Северна Македонија во живинарскиот сектор.

          Беше претставен и глобалниот модел за процена на влијанијата од сточарското производство врз животната средина (ГЛЕАМ), кој е ГИС модел чија цел е квантификација на производството и користењето на природните ресурси, како и оценка на влијанието врз животната средина, а во овој случај насочено кон развој на еколошки и одржлив живинарски сектор.

          Посетата на фармата „Агрофам“ во Идризово со нивниот систем на одгледување и производство на бројлери, послужи како пример за дефинирање на развојни сценарија преку моделот ГЛЕАМ за идентификување на најдобри можни практики за ублажување на емисијата на стакленички гасови.

          Различните сценарија за живинарското производство со примена на различни системи и параметри во управувањето пред се со храната и ѓубривото, покажаа дека може битно да се влијае во намалувањето на емисијата на јаглеродни и други видови на стакленички гасови, со крајна цел да се ублажат ефектите што ги предизвикуваат климатските промени.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна