Сеидба на сончоглед

          За сончогледот одгледувањето во плодоред е од пресудно значење. При монокултурното одгледување, болестите, штетниците и паразитите земаат такаов замав што можат да ги уништат растенијата. Најдобри предкултури се стрните жита и едногодишните легуминози. Сончогледот е добра предкултура за озимите жита. Се бере на крајот од летото и почетокот на есента, така што има доста време за основна и предсеидбена припрема.

          Сончогледот успешно може да се одгледува на различни почвени типови со оглед на тоа што поднесува малку кисела до неутрална почва (оптимална Ph 6,5 и 7,5).

          Основната обработка се врши по прибирање на предкултурата, а есенското орање треба да се изврши на длабочина од 30-35 см., и веднаш после тоа се врши дополнителната обработка. Во пролет  се врши само предсеидбена обработка

          Основното ѓубрење се врши од есен пред орање. За добивање на високи приноси се препорачува ѓубрење со 70-120 кг/ха азот, 60-100 кг/ха фосфор и 50-80 кг/ха калиум. Поголемиот дел од азотот се внесува на пролет со прихранувањето.

          Оптималниот рок за сеидба е од средината на Март до средината на Април, кога температурата на почвата достигне барем 8 Со. Многу раната сеидба влијае на слабо поникнување на растенијата, а доцната сеидба влијае на намалување на приносот. За препорачаната густина од 5-6,5 растенија по м2 , или 45.000-50.000 растенија на хектар, доволни се 8-10 кг. семе. За добар раст на сончогледот потребно му е многу сонце. Затоа се сее широкоредно од 70 см, а  во редот од 25-28 см., на длабочина од 3-5 см.

          Сузбивањето на плевелите со хербициди може да се врши пред сеидба (Treflan 48 EC, Trefpin, Goal и др.), по сеидба (Dual Gold 960 EC, Trophy, Frontier 900 EC, Racer 25 EC и др.) или по никнење во вегетација (Fusilade forte, Fokus ultra, Pulsar и др.)

          За заштита од нај честите земјишни штетници (телени црви, совица) се користат земјишни инсектициди (Volaton G-5, Durzban, Posse 25 EC и др), а после никнење за сузбивање на совицата и други штетници се врши фолијарно третирање.

          До колку сеидбата е извршена во сува почва се врши валање, а до колку се појави покорица по сеидбата истата треба да се разбие.

          Ако сончогледот бил густо посеан мора да се изврши проредување на потребното растојание и тоа до појавата на втората двојка постојани лисја.

          Прихранувањето со планираната количина на азот треба да се изврши со првото култивирање кога растенијата имаат 6-8 лисја. Се вршат 1-2 култивирања.

          Наводнување се врши до колку нема влага во почвата, и тоа во фаза на интензивен пораст и цутење.

          Бербата може да биде рачна или со комбајн. Бербата со комбајн треба да се врши во полна зрелост, кога влажноста на зрното не е поголема од 9%.

          М-р Цветан Јовановски

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна