Штети на стрните жита во текот на зимата

          Во зависност од климатските услови, во текот на зимата, стрните жита можат да претрпат низа штети, како што се: измрзнување, задушување, истегнување (кинење) на растенијата и др.  Сите овие појави ги оштетуваат културите.

          Измрзнувањето е појава, која се јавува како последица од директното дејство на мразот. При тоа растението може да замрзне или да измрзне. Замрзнатите растенија при постепено одмрзнување остануваат неповредени. Меѓутоа измрзнувањето настанува на многу ниска температура и доаѓа до изумирање на клетките во растението. Измрзнувањето е честа појава во области или години со безснежни зими или со мал снежен покривач. Измрзнатите растенија во текот на зимата обично ја задржуваат нормалната боја. Тие лесно се истргнуваат од почвата. Ако надземната маса е овената а растенијата тешко се кубат од почвата, може да значи дека не е уништено целото растение. Основно при оценката на измрзнувањето на растението е состојбата на коленцето на братење. Доколку тоа има бела боја, растението е во состојба да регенерира, но црвенокафеавата боја укажува дека растението угинало. Промената на бојата на измрзнатите растенија се забележува по затоплувањето на времето, кога тие почнуваат да пожолтуваат и венеат.

          Житариците најотпорни се на  ниски температури  во фаза на братење и кога се добро калени. Отпорноста на житариците исто така најмногу зависи од видот како и од сортата. Најотпорни  се  пченицата, ржта и тритикалето, помалку отпорен е јачменот и овезот.  Така кај пченицата набабреното зрно, започнато да рти издржува температура од -6  до -13оС. По никнењето кога е со лист помал од 2 см, пченицата е најосетлива на ниски температури. Со растењето на лисјата отпорноста се зголемува. Рано наесен може да загине при температура од -9 до -10оС, доцна на есен издржува -15 до -17оС, а преку зимата -20 до – 25оС.  Добро калените растенија од јачменот  издржуваат од -10 до -12оС, а некои многу отпорни сорти издржуваат и -20оС. Овезот е најмалку отпорен од житариците и температурата од -4 до -5 може да биде штетна.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна