Совети

Одгледување на хризантеми – Fam Chrizanthemum L.

Името се однесува на изгледот на цветот и се состои од двата грчки збора chrisos (злато) и anthemon (цвет). Родот Сhrisanthemum L. до денес опфаќа околу 200 едногодишни и повеќегодишни видови кои потекнуваат од умерените зони на северната земјина полутoпка.

Видови и ботанички особини

Културните видови се распоредени на следните групи:

  • едногодишни;
  • маргаритки;
  • перипетуми;
  • есенски хризантеми.

Есенски хризантеми

Chrysanthemum sinense Sab. е хибрид меѓу видовите Chrysanthemum indicum и Chrysanthemum morifolium.

Стеблото е исправено, разгрането и дрвенесто во основата. Високо околу 1м.  Лисјата се густо распоредени. Долните лисја имаат дршки и овална лиска со засечени краишта. Лисјата по должина на стеблото се седечки и назабени. Покриени се со бели влакненца. Цветот е главица со различна големина и боја. Обвивката на соцветијата е составена од ливчиња со тап врв и ципести краеви. Главиците се собрани по неколку во грозд.

Есенските хризантеми се размножуваат генеративно и вегетативно. Размножувањето со семе е за селекциони цели. Прашниците созреваат неколку дена пред толчниците и од таа причина не настанува самоопрашување на цветовите. Се применува вештачко опрашување, кое е посигурно, кога јазичестите цветови на мајчините растенија ќе се засечат ниско. Другата важна карактеристика кај половото размножување е брзото губење на `ртливоста на семето. Поради ова, семето се сее колку што е можно порано (1-2 месеца) по созревањето.

Простоцветните сорти при суво и топло време се опрашуваат слободно. Семето на покасните сорти не успева да созрее. Неопходно е касните, мајчини растенија да се поттикнат кон рано цветење при одгледување на кус ден или да се засадат во саксии и да се догледаат во заштитен простор.

Сложените соцветија не образуваат полен. Поленот се содржи само во цевчестите цветчиња на простоцветните или полусложените соцветија. При неповолни услови сложено-цветните растенија образуваат полусложени соцветија со извесен број на цевчести цветови во центарот. Оваа својство овозможува добивање на семе, кое се сее во сандачиња со градинарска почва, поставени во незагреани заштитени простори.

Вегетативното размножување

  • Стеблени резници.

За резници се користат млади стебла на матичните растенија со висина од 5-6 см. Вкоренувањето се врши во текот на февруари – април. За таа цел, матичните растенија се поставуваат во полу-топли пластеници со полна светлина1. Младото стебло се реже на една пупка над основата и се вкоренува во топли леи, на песочен слој со висина 4-5 см. Добиените млади растенија се садат во саксии и се одгледуваат до почетокот на мај во ладни проветрени и светли простории

  • Резници од подземни стебла

Од стеблените резници се разликуваат по тоа што имаат корен. Од нив се добиваат појаки растенија.

  •  Делење на старото растение

Оваа е најлесниот начин на размножување. Растенијата се делат во март-април на неколку дела. Бројот на стебла на новото растение зависи од големината на делот. Овој начин се применува главно кај ситно цветните вариетети, кои презимуваат на отворено. Повеќекратното делење доведува до формирање на многу ситни цветови и до намалување на декоративноста. Поради ова, повремено се врши размножување со семе или резници.

Нега на растенијата

Растенијата одгледувани на слободни површини се појаки, имаат повеќе стебла и помалку страдаат од суша. Поради касното цветење и неповолното влијание на маглата и дождот, директното садење во леи е ограничено. На овој начин се одгледуваат претежно ситно-цветните и раните вариетети кои прецветуваат до паѓањето на слана. Садењето се врши на отворени, сончеви места, пропустливи почви, длабоко обработени и богато наѓубрени со говедско ѓубре. Меѓу растенијата се остава растојание од 0,4-1 м. По садењето почвата се покрива со непрегорено арско ѓубре. Младите стебла се пинцираат 2-3 пати, за да се добие голем бусен. Покасно, секое растение се врзува на потпора. Поливањето треба да е редовно, особено во топлите денови. Покрај тоа што се одгледуваат на богати почви, растенијата се прихрануваат на 15-20 дена со разредено арско ѓубре.

На отворено може да се одгледуваат и крупноцветни, средно рани хризантеми. Пред паѓањето на сланата, се вадат со почва околу коренот и се пренесуваат во студени пластеници, каде цветаат.

Како саксиски култури се одгледуваат хризантеми кои служат за внатрешно украсување, касно цветни вариетети кои поминуваат само дел од животот на отворено, а исто така и вариетети со мала отпорност на студови. Кога се одгледува како саксиска култура, потребно е да се внимава на две работи: на прихранувањето и обилното поливање.

Од средината на мај, растенијата засадени во саксии се носат во отворени леи. Саксиите се закопуваат до работ на почвата, за да се обезбеди рамномерна влага и температура. По последното префрлување на почетокот на јули, растенијата се закопуваат одново во леите, кога меѓу саксиите се остава растојание од 20 см и површината на леите се покрива со непрегорено арско ѓубре. Секое растение се врзува за потпора. Леите се прават со ширина од 1 м за лесно да се манипулира со растенијата.

Кога хризантемите се одгледуваат како саксијска култура, прихранувањето е понеопходно отколку на отворено и се прави на секои 7-10 дена. До образувањето на цветните пупки, прихранувањето е со лесно растворливи азотни ѓубрива. Во замена може да се употреби разредено арско ѓубре. Со прихранувањето се прекинува кога ќе започне обојувањето на цветните пупки. Покасното прихранување, како и прекумерното ѓубрење се одразуваат негативно врз трајноста на цветовите.

За заштита на цветовите од есенските дождови, леите треба да се покријат

Голем број од вариететите на есенските хризантеми не се отпорни на студови, поради што во доцна есен се прибираат во студени заштитни простори и на пролет се користат за добивање на резници.

Hrizantemum sinense Sab. е култура на краток ден. На долг ден и сончево време запира цветењето. Ова својство се користи за касно цветење. Кога хризантемите се одгледуваат на долг ден, нивниот раст може да се забрза. Ова се постигнува со вештачко создавање на краток ден. За таа цел, леите со покриваат од 18 часот навечер до 7 часот наутро со обична црна материја или пластика. За регулирање на цветењето на растенијата кои се одгледуваат во текот на студени периоди во заштитен простор, треба да се има во предвид и температурата, бидејќи некои сорти не дават цветови и при краток ден, ако температурата е многу ниска. За сите сорти оптималната температура за растење и развиток во рана возраст, при краток ден е 20ᵒС.

Вариететите со ситни цветови се користат за формирање на цветни групи и режен цвет. Раните вариетети со средно крупни цветови и раните вариетети со прости цветови се користат за формирање на цветни леи.

Вариететите со крупни цветови и касните вариетети со средно крупни цветови, се користат за режен цвет. Хризантемите се користат и како саксиски култури за внатрешно украсување, висечката форма се употребува за декорација на столбови, тераси и друго.

м-р Ленче Рунтева

Советник за земјоделство и рурален развој- растително производство

Одделение за Источен регион – Штип

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *