Совети

Штетници на складираниот грав и грашок – гравов жижок

Гравовиот жижок првенствено се храни на гравот, особено на сортите кои имаат тенка лушпа, но и на соја, грашок, леќа и други легуминози. Со меѓународната размена на земјоделски производи, раширен е секаде во светот. Жижокот има 2,5-3,5 мм должина со округло тело. Во текот на летните месеци, жижокот полага јајца во мешунката пред берба и така стасува во складиштата. Друг начин на доспевање во зрната на гравот е од стариот грав или од самото складиште.

Жижокот може да преживее и во жетвените остатоци на локалитети каде температурата во зимските месеци не се спушта долго време под 10-12 степени.

Гравовиот жижок во затворен простор може да се развива во текот на целата година. Еден дел од популацијата кон крајот на пролетта и летото излетува од складиштата и други места на презимување, на отворен простор во градините и полињата со грав.

Неколку дена после излетувањето, женката на мешунките положува јајца. Положува некаде околу 200 јајца. Ембрионалниот развој трае до две недели. Од јајцата се испилуваат белузлави ларви со црни главчиња и веднаш се вбушуваат во зрната грав. Местото на вбушување не може да се види со голо око. Низ еден отвор може да се вбушат една или повеќе ларви и во едно зрно може да се развијат дури и десет и повеќе имага.

Развојот на ларвите трае од две до шест недели и за тоа време се хранат од ендоспермот на гравот. Нараснатата ларва припрема место за преобразба во кукла и излезен отвор за нараснатиот инсект. Кога нараснатиот инсект ќе излезе од зрното, положува јајца на другите зрна кои не се оштетени.

Развојот на една генерација преку летото се завршува за 35-40 дена, додека на есен за 50-60 дена. Во складиштата, каде што температурата во тек на цела година е 18-20 степени, гравовиот жижок развива четири до пет генерации годишно.

Во нашите климатски услови жижокот презимува во стадиум на имаго. Поголем дел од нараснатата популација презимува во складиштата, додека помал дел, кон крајот на летото излетува од зрното и презимува во сокриените места во полето. На пролет, жижокот излегува од складираните зрна и излетува во полето, доста пред фазата на цветањето. Тогаш се неприметни, се наоѓаат вовлечени меѓу младите листови. Кога температурата ќе достигне 16-18 степени, жижокот лета и бара растенија со грав. Тогаш женката положува околу 200 јајца на површината на младите мешунки. Женката ги положува јајцата поединечно.

Како основни мерки за борба против гравовиот жижок се препорачуваат превентивните:

  • плодоред;
  • садење отпорни сорти;
  • заорување на растителните остатоци;
  • превентивна заштита на празните складишта;
  • сузбивање на имагата пред да ги положат јајцата, а тоа е пред цветање за грашокот и после цветањето и почетокот на формирање на мешунки кај гравот.

За успешно сузбивање до берба, во полето треба да се извршат едно до две третирања со контактни и системични инсектициди.

Доколку не е вршена заштита во полето, после бербата потребно е да се изврши фумигација, но тоа е за поголемите производители. Кај помалите производители најефикасно е гравот веднаш после бербата да се стави во замрзнувач, притоа водејќи сметка целокупната количина на грав да се излади на -20 степени два до три дена.

АПРЗ  РЕ Кичево

Дипл. инг. Агроном Лупче Данилоски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *