ОДРЖАНА ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА СОВЕТОДАВНИТЕ СЛУЖБИ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

          Министерката за земјоделство и храна на Република Бугарија г-ѓа Десислава Танева официјално ја отвори Втората регионална конференција на советодавните сервиси во земјоделството од земјите во Југоисточна Европа.

          На 23 Октомври, 2015 во Радисон Блу Гранд Хотелот во Софија, Република Бугарија, се одржа втората регионална конференција на советодавните сервиси во земјоделството од земјите во Југоисточна Европа на тема: Компетенциите за обуки и клучните компетенции на земјоделски советници – бенефиции за земјоделците.

          Конференцијата е организирана од страна на иницијативниот комитет за формирање на Мрежата на советодавни сервиси во земјоделството на Југоисточна Европа – ASN-SEE.

          Домаќин на Конференцијата беше Бугарската национална советодавна служба во земјоделството.

          Целта на конференцијата е да се добие широк спектар на знаење, искуства и идеи на учесниците како и примена на различни пристапи, методи и алатки за подобрување на квалитетот на руралните советодавни услуги.

          Конференцијата беше отворена за претставници од руралните и земјоделски советодавни организации и земјоделските универзитети/институции од ЕУ, Централна и Југоисточна Европа и невладини организации кои се активни во руралните средини.

          Главните теми на конференцијата беа:

          • Клучната улога на земјоделските универзитети за стручно оспособување на советници;

          (Дали професионалното образование на советниците одговара на потребите на земјоделеците? Дали се неопходни посебни наставни програми на универзитетите за советниците во земјоделството?)

          • Сојузи на знаење – истражувачи, советници и земјоделци

          (Соодветни модели за соработка во насока на трансфер на знаење, формирање на партнерство, на најдобар начин за размена на информации помеѓу истражувачите, советници и земјоделците);

          • Стандарди за квалитет за обезбедување на советодавни услуги – потреби за инпут

          (Дали е потребно да има стандарди за квалитет или не? Да се стават стандардите за квалитет во пракса – придобивки за земјоделците и советниците)

          На оваа конференција учествуваа претставници од советодавните служби во земјоделството, земјоделските универзитети, министерствата за земјоделство и други заинтересирани страни на повеќе земји од југоисточна Европа: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Српска, Србија, Косово, Македонија, Австрија, Унгарија, Бугарија и Швајцарија.

          Министерката за земјоделство и храна на Република Бугарија г-ѓа Десислава Танева официјално ја отвори Втората регионална конференција на советодавните сервиси во земјоделството од земјите во Југоисточна Европа, а свое излагање имаше и извршниот директор на бугарската советодавна служба г-динот Љубомир Маринов, г-динот Улрих Рајсер, директор на Швајцарската асоцијација за развој на земјоделството и руралните области и претседател на Интернационалната академија за земјоделство и советниците на руралните семејни стопанства, како и претставници од земјоделските универзитети.

          На Втората регионална конференција на советодавните сервиси во земјоделството од земјите во Југоисточна Европа учествуваа тројца претставници од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

          Коментирај

          Име*

          Е-маил* (never published)

          Страна