Вести
Одгледување на кромид
Кромидот, лат. Allium Cepa, род Allium, семејство Alliaceae, потекнува од Азија и од Блискиот Исток, а илјадници години се користи во исхраната и за медицински цели. Црвениот кромид содржи антоцијанин – растителен пигмент од групата флавоноидни антиоксиданси, кој му ја дава виолетова боја. Покрај црвениот, кај нас се одгледува и жолтиот кромид. Кромидот се одгледува за главицата, но се конзумираат и листовите (перцата) додека кромидот е млад.
Почвени услови
Кромидот успева на структурни, плодни, пропусливи, растресити, незаплевени и богати почви со хумус, со кисела до неутрална рH вредност. Се засадува на места изложени на сонце, затоа што не толерира целосна сенка.
Обработка на почвата
По прибирање на претходната култура, во август или септември, почвата прво еднаш се ора на длабочина од 20 см, а во октомври или ноември се ора длабоко, на 35-40 см. Доколку претходната култура се прибира касно, тогаш почвата се ора само еднаш, на длабочина од 35-40 см.
Плодоред
Плодоредот како агротехничка мерка се препорачува за заштита на културата од евентуална појава на болести, плевели и за подобар принос. Добри предкултури за кромидот се: пиперки, домати, зелка, боранија, компир, мешункасти култури, пченица, јачмен. Пожелно е кромидот да не се сади на иста површина 3-4 години.
Семенски материјал
Кромидот може да се сади на три начини: со семе, арпаџик (кокар) и садници. Кај нас најчесто се одгледува со арпаџик. За правилен раст и развој на кромидот, неопходен е квалитетен семенски материјал.
Садење на кромид
Пролетта е најдобар временски период за садење на кромид на отворено, пришто температурата на воздухот треба да биде околу 12 целзиусови степени, а тоа е крајот на април и почетокот на мај. Пред садењето, потребно е да се поттикне `ртењето кај семенскиот материјал и за таа цел семенскиот материјал се остава на топло неколку денови.
Кромидот подлежи на габични и вирусни заболувања. Со цел истите да се спречат, семенскиот материјал може да се третира со бакарен сулфат или слаб раствор од калиум перманганат. Кога семенскиот материјал е подготвен, се започнува со садење. Семенскиот материјал се става во почвата во претходно направени редови на растојание од 25 см, луковиците се ставаат во почвата на длабочина од 2-2,5 см, а растојанието во редот препорачливо е да биде околу 10 см. Се сади со коренчето во земјата, а потоа со помош на грибло се покрива со танок слој почва.
Наводнување и прихрана
За квалитетен принос на кромидот, потребно е да се наводнува и прихранува. Наводнувањето може да е еднаш неделно, на почетокот со околу 10 литри вода на метар квадратен. Доколку годината е сушна, бројот на наводнувања е препорачливо да се зголеми и обратно ако има чести дождови, наводнувањето треба да се сведе на минимум.
Во зависност од фазата на развојот на кромидот, препорачливо е да се вршат три прихрани. Првата прихрана треба да се изврши кога ќе никне кромидот, кога ќе излезат првите ливчиња – перца. Втората прихрана се врши по две недели, а третата прихрана кога главицата на кромидот е оформена со големина на орев. Кога кромидот ја поткрева почвата и излегува на површина, не треба да се покрива со почва и се престанува со прихранувањето.

Берба и чување
Кога кромидот ќе ја достигне потребната големина и зрелост, листовите почнуваат да пожолтуваат. За да се забрза овој процес, листовите може да се свиткаат и изгазат, а исто така во оваа фаза се престанува со наводнувањето на кромидот. Кога листовите до главицата ќе добијат кафена боја и се исушат, се пристапува кон берба. Главиците внимателно се вадат од почвата. Прибраниот кромид се остава неколку денови на суво и заштитено место од влага, а потоа се складира. Идеална температура за чување на кромидот е од 4-15 целзиусови степени, а може да се стави во мрежи или картонски кутии, и тоа во најмногу два реда. При чувањето потребно е кромидот да се проверува на одреден временски период и да се отстранат расипаните и из`ртени главици.
Весна Ѓорѓиоска
Помлад соработник-РЕ Прилеп