Вести
АПРЗ: Резултатите од почвената анализа ја нагласуваат важноста на следењето на органската материја во почвите
Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) го презентираше стручниот извештај од почвената анализа, изработен од проф. д-р Миле Маркоски. Извештајот ги сумира резултатите од анализите на содржината на органска материја (хумус) и органски јаглерод (Corg) во земјоделските почви во повеќе региони во земјата.
Анализирани 47 почвени примероци од 33 земјоделски парцели, со цел да се добијат релевантни податоци за состојбата на органската материја и потенцијалот за складирање на јаглерод. Овие податоци се од клучно значење за унапредување на одржливото земјоделско производство и за планирање мерки за адаптација и ублажување на климатските промени.
Директорот на АПРЗ, Пеце Стојковски, истакна дека овој начин на соработка помеѓу наука и советодавната служба претставува значаен чекор кон воведување современи, научно засновани практики во македонското земјоделство.
„АПРЗ останува силен и посветен партнер на земјоделците во примената на практики кои ја подобруваат плодноста на почвите, ги зголемуваат приносите и го зачувуваат природното богатство. Резултатите од почвената анализа ни даваат конкретни препораки кои ќе им помогнат на земјоделците да ја зголемат продуктивноста и одржливоста на своите стопанства. Нашата цел е секој земјоделец да има пристап до стручна поддршка и препораки кои ќе придонесат за поконкурентно и поодржливо производство.“

Проф. д-р Миле Маркоски нагласи:
„Органската материја и органскиот јаглерод директно влијаат врз плодноста, водниот режим на почвата, микробиолошката активност и долгорочната продуктивност на земјоделските површини. Анализите покажуваат дека кај дел од парцелите постои добар потенцијал за складирање јаглерод, додека кај други се неопходни мерки како органско ѓубрење, минимална обработка на почвата и одржување на растителните остатоци, со цел постепено да се подобри нивната плодност и отпорност.“
Клучни наоди и препораки
Органската материја и органскиот јаглерод се основни индикатори за здравјето на почвата и имаат директно влијание врз плодноста, водниот режим и микробиолошката активност.
Дел од испитаните парцели покажуваат добар потенцијал за складирање јаглерод, додека кај други се препорачуваат мерки како зголемено органско ѓубрење, минимална обработка на почвата и одржување на растителните остатоци.
Препораките во извештајот се насочени кон постепено подобрување на плодноста и отпорноста на почвите преку примена на прилагодени агроеколошки практики.

Од АПРЗ информираат дека активностите поврзани со проектот ќе продолжат, вклучувајќи проширување на анализите, обезбедување советодавна поддршка за земјоделците и промоција на практики што придонесуваат за подобар квалитет на почвата и поодржливо управување со земјоделското земјиште.