Вести
Вегетативно производство на овошен саден материјал
Начини на вегетативно размножување
1.Размножување со резници
Суштината на ова размножување се состои во тоа што еден дел се одделува од мајчиното растение, долниот дел од него го ставаме во земја, а горниот останува над земја. Од адвентивните пупки во земјата се развиваат жили, а од лисните пупки, кои се над земјата, се развиваат леторасти.
1.1. Размножување со зрели резници
Зрелите резници се земаат од дрвенести едногодишни гранчиња во зимско мирување, се вкоренуваат во обични или во топли услови.
Со зрели резници во обични услови се размножуваат рибизли, дуња, смокви, калинки и др.
Зрелите разници се земаат од долниот и средниот дел на сосем свежи, здрвенети едногодишни леторасти отсечени по листопадот. Од врвниот дел на леторастот не се земаат резници, бидејќи тој нема доволно резерви од пластични материи.
Горниот и долниот рез на резниците се прават над и под пупките или коленото, а должината на целата резница е 20-25cm. Подготвените резници се врзуваат по 20-25 и се трапат веднаш во влажен песок, во оцеден трап.
Земањето резници наесен е многу подобро отколку напролет, затоа што при такви услови образуваат калус, се избегнуваат зимските повреди и можат да се посадат кога ќе дозволи времето. Меѓутоа треба да се води сметка и за нивното задоволување со ниска температура.
Напролет кога времето ќе дозволи резниците се садат во трапови длабоки колку што се долги резниците. Растојанието, ред од ред, е 60-100cm, во зависност од начинот на обработката, а во редот 5-10cm. Најдобро е ако целата резница биде во земја, а над земја останат 1-2 пупки. Долните пупки се отстрануваат. Горниот дел се загрнува со ситна земја помешана со песок, која би помогнала да се задржува умерена влага, топлина и аерираност.

1.2. Размножување со зелени резници
Зелените резници се земаат од леторастите, а се вкоренуваат (ожилуваат) само во заштитени услови(стакленици, топли леи, пластеници). Зелените резници имаат големо значење за овоштарството, поради својата едноставност. Меѓутоа треба да се применат специфични манипулации и средства.
Зелените резници се земаат во Мај-Јуни, во фаза на бујниот пораст на леторастите, при тоа се отфрла врвниот зелјест дел, а резниците се подготвуваат од полудрвенестиот дел. Резниците се куси со една до две интернодии, обично 10-12cm. Листовите имаат позитивно влијание врз ожилувањето на резниците, бидејќи со фотосинтезата се синтетизираат фиторегулатори кои го стимулираат ожилувањето на резниците. Се препорачува и делумна редукција на лисната површина за 1/3 – 1/2, особени при видови со големи листови.
2.Размножување со изданоци
Овој е еден од најстарите начини за вегетативно размножување , што човекот може да го користи без некое специјално знаење и искуство. Тој најмногу се употребува кај сливи, вишни, малини, дуњи и др.
Во текот на летото матичното растение и изданоците се одгледуваат, со цел да добијат што повеќе жили. Наесен се одделуваат изданоците од матицата со својот сопствен корен или со мал дел од коренот од кој потерале.
Матичните овошки, од кои се користат изданоците, се наоѓаат во овошниот насад или во матичникот подигнат за таа цел. Бидејќи со земањето изданоци овошката троши многу од својата сопствена сила, потребно е матичните овошки да бидат посебно негувани и потхранувани.
Изданоците имаат доста развиен надземен дел, а слабо развиен коренов систем. Затоа не се препорачува директно садење на постојано место, туку изданоците по вадењето од насадот да се класираат и посадат во питомник на „школување“, за да се ожилат подобро, да формираат разгранет коренов систем и надземен дел. При садење во питомник над земја, се скратуваат околу 10cm., од надземниот дел се форсира еден најдобар летораст за стебло.
Некои овошни видови и сорти исклучиво или претежно се размножуваат со изданоци, на пример, облачинската вишна, малините, некои сорти сливи, јаболката петровка и др.
3.Размножување со избојци
Избојците се леторасти кои се развиваат од кореновиот врат и основата на стеблото. Оние што потеруваат под површината на земјата од етиолираниот дел, формираат помалку или повеќе коренчиња.

Избојците се послабо ожилени од изданоците и затоа е неопходно да одат во растило. Разликата помеѓу изданоците и избојците е мала, па затоа и постапката со нив е скоро идентична.

4.Размножување со положници
Суштината на овој начин на размножување се состои во тоа што се зема гранка од матичното растение, истата се наведнува и загрнува и од загрнатиот дел потеруваат коренчиња. Кај овој начин најчесто се ожилува двегодишна и повеќегодишна гранка.

Обична положница се состои во тоа што во претходно ископана дупка се свиткува гранка и се прикрепува со колче за да се прилепи на дното на дупката. Над површината на земјата се оставаат по 1-2 пупки. До крајот на вегетацијата, на делот кој е во земјата, се развиваат жили и новото растение можеме да го отсечеме и одвоиме од матичната овошка. На овој начин се пополнуваат празни места во лозовите насади. Коефициентот на размножување кај овој начин е мал и нема широка примена.
АПРЗ РЕ Пробиштип
Дипл. зем. инж. Ацо Чилевски