Вести
Кога знаењето се пренесува на терен — започнува вистинската промена
Национална работилница за обука „Зајакнување на капацитетите за адаптација кон климатските промени во земјоделството“
Битола, 15 мај 2026
Минатиот петок, на 15 мај 2026 година, во Битола се одржа Националната работилница за обука наменета за советодавни и стручни служби, организирана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во партнерство со SWG и со поддршка од GIZ. На обуката присуствуваа советодавци од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – АПРЗ, претставници на Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион, со јасна цел да се пренесат практични алатки и решенија за адаптација на терен кај земјоделците.
Целта на работилницата беше да се подобри капацитетот на советодавните и стручните услуги на АПРЗ за поддршка на климатски отпорни и економски одржливи земјоделски практики.
На оваа работилница присуствуваше и ја отвори директорот на АПРЗ, кој со пригодно обраќање до присутните се заблагодари на организаторите и нагласи дека ваквите работилници се од особено значење за вработените во АПРЗ, бидејќи се добиваат практични можности, сознанија и решенија за актуелните проблематики во земјоделството, кои ќе ги пренесат до земјоделците при нивните секојдневни взаемни контакти.
На работилницата се обработуваа практични теми со јасен фокус на примена: управување со вода и ефикасни техники за наводнување, мерки за подобрување на здравјето на почвата, избор на отпорни сорти, управување со топлински стрес кај животните и економски пристапи за донесување одлуки во услови на неизвесност. Дел од програмата вклучуваше и презентација на демонстрации од опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна, од каде беа прикажани практични примери кои советодавците можат да ги применат на фармите.
АПРЗ ја поздравува иницијативата и ќе продолжи да поддржува имплементацијата преку дистрибуција на материјали, организирање кратки сесии за следење на напредокот и поддршка за пилот‑активности во региони со повисок ризик.
Благодарност до организаторите, предавачите и сите учесници за активното вклучување и придонесот кон практични решенија за адаптација на земјоделството кон климатските промени.


